Барса и Баерн ремизираа, без голови, на гости кај Лион, односно кај Ливерпул. Во историјата на ЛШ, од 31 тим што одиграл 0-0 на домашен терен во првиот меч, само 10 успеале да се пласираат во следната рунда
Вторпат во осминафиналната рунда во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) се случи двата меча одиграни во ист ден да завршат без голови. На натпреварите Лион – Барселона, односно Ливерпул – Баерн во вторникот немаше голови, а истата ситуација беше и пред три години, на мечевите Атлетико – ПСВ и Манчестер сити – Динамо Киев.
На мечевите во Лион и во Ливерпул имаше многу возбудувања, шанси и удари, но изостанаа головите по што одлуката кои две екипи ќе се најдат во четврт-финалето треба да падне во реваншите на 13 март. Во историјата на ЛШ, од 31 тим што одиграл 0-0 на домашен терен во првиот меч, само 10 успеале да се пласираат во следната рунда, што не им оди во прилог на Лион и на Ливерпул. За Лион, кој ја нема совладано Барселона ниту еднаш на седумте дуели во ЛШ (три ремија и четири порази) ова беше шесто реми едноподруго во ЛШ (и прв меч без примен гол сезонава) со што се израмни со рекордерите, АЕК (сезона 2002/2003) и Ренџерс (2005/2006).
Барселона, предводена од Лионел Меси, упати дури 25 удари на голот на Лион, од кои девет беа на Меси, четири повеќе од сите фудбалери на Лион. Исто толку шута на противничкиот гол сезонава во ЛШ имаат упатено и клупскиот соиграч на Меси, Луис Суарез (против Интер) и Кристијано Роналдо (против Валенсија). Центархалфот Жерар Пике е седмиот играч на Барса со 100 одиграни натпревари во ЛШ со што им се придружи на Меси, Чави, Андрес Иниеста, Карлес Пујол, Серхио Бускетс и на Виктор Валдес.
Ливерпул и во третиот меч против Баерн на домашен терен одигра без голови со што и понатаму остана непоразен во дуелите со германски тимови на стадионот „Енфилд“ (14 победи и четири ремија). За Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, ова беше 30-ти натпревар против Баерн и прв што завршува без голови. „Црвените“ вторпат на последните 20 натпревари во еврокуповите и на мечот лани против Порто во осминафиналето, не постигнаа гол на „Енфилд“.
На реваншот во Минхен може да се очекува неизвесен меч со оглед на тоа дека Ливерпул не е поразен на претходните четири гостувања во Германија (по две победи и ремија). Од друга страна, пак, Баерн ретко губи дома (последен пат пред две години од Реал), што е некаква гаранција за избраниците на Нико Ковач дека пред своите навивачи ќе успеат да го совладаат Ливерпул.
Туѓиот терен стана проблем за Барселона во нокаут-фазата?
Барселона е без победа на последните шест меча на гости во нокаут-фазата во фудбалската Лига на шампоните (ЛШ), има две ремија и четири порази, а на пет од тие шест меча не постигна ниту еден гол (во вторникот ремизира 0-0 кај Лион). Еден од проблемите за Барса можеби е неефикасноста на Луис Суарез, кој не постигнал гол сезонава во ЛШ, односно само еден на последните 17 натпревари. Последниот гол на гости тој го постигна во септември 2015 година, што е пост долг повеќе од 24 часа или 1.508 фудбалски минути. Но, во шпанскиот шампионат сезонава тој постигна 15 гола.