Ваквиот начин на ревијално претставување на националната кинематографија се практикува насекаде во светот и е дел од поддршката и едукацијата на домашната публика за сопствената кинематографија, велат организаторите
Годинава првпат ќе се одржи филмската ревија „Златна рамка“, по иницијатива и во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија, која ќе претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови во изминатата календарска година. На 22, 23 и 24 февруари во МКЦ, односно во киното „Фросина“, домашната публика ќе има можност да ги погледне новите остварувања во македонската кинематографија, а филмските професионалци ќе можат да разменат мислења и искуства за нивната работа.
– На сите креaтивни остварувања, а особено на филмот, кој претставува најкомплексна уметност, потребна му е поддршката од домашната публика. „Златна рамка“ се создаде поради фактот што најголемиот број домашни филмови не се прикажуваат на редовен репертоар во киносалите и ова е одлична можност да се претстават пред нашата публика.
Ваквиот начин на ревијално претставување на националната кинематографија се практикува насекаде во светот и е дел од поддршката и едукацијата на домашната публика за сопствената кинематографија.
Исто така, публиката ќе има можност да ги проследи филмовите заедно со дел од авторите што ги создале и да учествува во дискусиите што се предвидени по секоја програма – велат организаторите.
Во работната програма на „Златна рамка“ е предвидено да се одржи презентација на програмата „Медиа деск Македонија“ за филмаџиите да се запознаат со начините и можностите за аплицирање во овие фондови, како и тркалезна маса на тема: „Нема кинематографија без филмска критика“, предводена од уметничката координаторка на ревијата Ана Василевска. На првото издание на ревијалните денови на македонски филм, под мотото „Влези во наш филм“, ќе бидат прикажани вкупно 25 во три програмски целини.
На 23 февруари ДФРМ ќе додели почесни награди за филмските професионалци – за најдобар филмски автор, филмски актер и филмски работник. Ревијата „Златна рамка“ не е од комерцијален карактер и проекциите ќе бидат бесплатни.