Целата екипа на македонскиот документарен филм „Медена земја“ по враќањето со куп награди од фестивалот „Санденс“ во САД, заедно со заменик-амбасадорот на Швајцарската амбасада во Македонија, Стефан Томажијан, и Анета Стојчевска од Агенцијата за филм, вчера во МКЦ зборуваа за филмот, за самиот процес на снимањето, предизвиците со кои екипата се соочувала, реакциите на публиката на фестивалот и нивните понатамошни планови. Филмот „Медена земја“ во режија на Љубомир Стефанов и на Тамара Котевска освои три награди, меѓу кои и главната награда од жирито, специјалната награда од жирито за влијание за промена, како и специјална награда за камера. Продукцијата е на „Аполо медија“ на Стефанов и „Трајс филмс“ на Атанас Георгиев, а музиката на составот „Фолтин“.
Заменик-амбасадорот Томажијан ги сподели својата фасцинираност од филмот и задоволството да биде дел од поддршката за овој филм.
– Имав привилегија да го видам филмот и откако го погледнав останав без зборови, како поради неговата уметничка убавина, така поради моќната порака што ја носи филмот. Откако се изгасија светлата, ми требаше момент да се вратам од светот на Атиџе во сегашниот свет. Атиџе ни праќа многу мудра порака: „Задржи половина од медот, а другата половина оставете ја за пчелите“. Тоа е порака од жена што живее во симбиоза со природата и знае како да преживее без да ги изложи на опасност другите живи суштества – порачува Томажијан.
Анета Стојчевска од Агенцијата за филм на Република Македонија рече дека освен што ова е успех за еден документарен филм, ова е успех и за македонската кинематографија воопшто.
– Самото учество на фестивал од овој калибар, па освојувањето на дури три награди е нешто што ќе ја смени перцепцијата за македонскиот филм – вели Стојчевска.
Филмот воодушевува со својата фотографија, колорит и боја, „Медена земја“ е филм што ја одржува возбудата, филм што прикажува и радост и смрт, сиромашно живеење, филм што посочува на тоа колку животот е суров, но и колку е убав. Монтажерот и продуцентот на филмот, Атанас Георгиев, сподели неколку детали за она што се случувало на „Санденс“ и какви очекувања имаат.
– На „Санденс“ успеавме да направиме таканаречен блокбастер, што значи дека пред киноблагајната се појавил ред што го заобиколува блокот. Ние бевме застапувани од едни од најголемите фирми за продавање на филмот што успеаја да склучат договор со една огромна компанија за дистрибуирање филмови во Америка, „Неон“, која се обврза дека ќе го дистрибуира филмот во кината низ цела Америка и во договорот стои дека ќе имаме проекција на барем 15 маркети, тоа се 15 града, а бројката може да стигне до 50. Тоа значи дека ќе имаме милионска публика, претпоставувам. А нема да заостанат ниту големите сервиси, во овој случај тоа ќе биде „Хулу“ со сличен успех како „Нетфликс“ – вели Георгиев.
Режисерот Љубомир Стефанов, пак, истакна дека за голем успех не е пресудна голема екипа, ниту голема цифра.
– Ова е апсолутно мала екипа за продукција на филм што дошол до ваков резултат, но тоа е само доказ дека доколку имате идеја, со упорна работа, со целосна посветеност може да се дојде до резултат. Не е сѐ до помпезноста и до најавувањето, до пумпањето на сликата пред да се види резултатот на потврдено место – посочи Стефанов.
Режисерката Котевска, пак, додаде дека ова не е нивна прва заедничка работа и дека претходно како тим работеле на филмот „Езеро на јаболката“ по што сфатиле дека овој состав има потенцијал да продолжи да работи и да направи нешто повеќе.
– Едно нешто за кое ми е најмногу драго е што ние во овој состав го скршивме тоа клише дека режисерот мора да биде суетниот, бидејќи со суета не се прави филм. Добар филм се прави исклучиво од срце и кога сите даваат сѐ од себе – рече таа.
Во однос на мајсторската работа на камерата, колоритот, светлината и начинот на соработка помеѓу двајцата кинематографери и партнерството, Фејми Даут и Самир Љума зборуваа за начинот на кој едниот бил аниматор на субјектот на филмот, додека, пак, другиот имал задача да ги лови моментите.
– Во однос на работата и ставовите, бевме горе-долу усогласени. Се дополнувавме од самиот почеток со едната и со другата камера, она што не можеше да го фати едната, ќе го фатеше другата камера и тоа беше причина што на крајот излезе да снимаме едно вакво дело. Можеби ако снимавме само со една камера ќе беше доста тешко да се реализира тоа – посочува Даут.
Тие споделија и одредени искуства од начинот на снимањето во тие услови, далеку од цивилизација, без струја, со ограничено количество храна, преспивање во колибата и на отворено, помеѓу мачки.
– Со Атиџе станавме семејство. Јадевме, пиевме, се смеевме, пеевме, плачевме заедно. Најголем непријател ни беа мачките, многу често лимитираната храна тие ни ја јадеа. А пчелите… Но Атиџе и нејзиниот однос кон пчелите ни дадоа доверба дека не сме изложени на опасност. Во текот на целото снимање немавме никаква опрема за заштита, но затоа Даут ја плати цената за мене – вели Љума. Она што видливо го одделува документарниот филм „Медена земја“ од голем број други модерни документарни филмови е начинот на кој се пристапува кон прикажувањето на оваа приказна. Бегајќи од проста фактографија, „Медена земја“ речиси да личи на игран филм.
– Јас имам доста искуство со монтажа и многу материјали. Но искрено досега вакво искуство не сум имал. И морам да кажам дека ваква естетика не сум видел, посебно драматуршкиот елемент на раскажување на оваа приказна е математики точен, кој било писател или поет и сценарист заедно, е тешко да го остварат тоа од пишана форма во игран филм, нам, ете, некако ни се случи да имаме таква совршена драматуршка структура, во сите погледи да ни се случат сите работи што една драматуршка структура бара – вели Георгиев.
Екипата откри дека првата затворена домашна проекција „Медена земја“ ќе ја има на 12 и 13 март на фестивалот „Македокс“.