Уставниот суд е една од најнереформираните институции во Република Макеоднија. Тој мора да се постави како орган, што ќе обезбедува заштита и ќе ги промовира човековите права и уставните вредности, односно ќе прави баланс и ќе ја враќа хармонијата на правниот систем преку усогласување во рамките на уставниот систем.
Тоа беше порачано на денешната работна сесија за „Реформите во Уставниот суд поврзани со Поглавјето 23“ на третата работна група од Националната конвенција за Европската унија во Република Македонија.
Според министерката за правда Рената Дескоска, секогаш дури и лошата правна рамка може да биде пренабрегната со добра практика и со добра волја, односно доколку во Уставниот суд имаме луѓе со интегритет и професионален капацитет да ја исполнат несовршената правна рамка со одреден дух на почитување на Уставот.
– Уставната рамка со која се поставени основите на уставното судство или со која е главно регулирана, бидејќи ние немаме Закон за Уставен суд не е идеална и често пати се покажа како непрецизна и ограничувачка. Свеж ни е примерот од 2016 година кога Уставниот суд во период од три месеци донесе две сосема спротивни одлуки што се однесуваа на идентично прашање, изјави Десковска.
Посочи дека предизвик пред Уставниот суд во Република Македонија е тој да се постави како орган што со своето практикување ќе биде баланс на она што значи политичка власт, извршна или законодавна. Посочи дека имаме еден тип на квази уставна тужба, каде Уставниот суд штити само неколку човекови права.
– Во другите земји за разлика од Македонија се штитат основните човекови права, значи поголем корпус на човекови права, додека се лимитираат предлагачите и иницијаторите на постапка за проценка на уставност и законитост. Во Република Македонија имате спротивен парадокс. Имате ситуација кога секој може да покрене постапка за оценка на уставност и законитост, но поединецот има многу мал круг на права што може да ги заштити пред Уставниот суд, изјави Десковска.
За улогата на Уставниот суд на Република Македонија во судските реформи спроведени како дел од процесот на интеграцијата во Европската унија, во рамки на денешната четвртата сесија на третата работна група на НКЕУ-МК учествуваа повеќе експерти од земјата, меѓу кои директорката на Академијата на судии и обвинители Наташа Габер-Дамјановска и професорката по уставно право Гордана Силјановска и кандидатот за уставен судија на Република Словачка, Радослав Прохаска, кој го сподели своето искуство од овој процес и укажа на виталните преговарачки прашања од Поглавјето 23.
Според професорката по уставно право, Гордана Силјановска, Уставниот суд е една од најнереформираните институции во Република Македонија и она што е најпознато е неговото хронично прогласување за ненадлежност.
– Општ заклучок е дека тој потонал во конфорт, изолација, во апстиненција од покренување иницијативи во однос на нужните реформи за статусот, надлежноста, актите, имунитетот и така натаму. Ако на ова го додадеме и отсуството на јавни расправи, тогаш се работи за еден затворен, нетранспарентен орган, што повеќе е уставен декор, па дури понекогаш со чинење и нечинење соучесник во прекршувањето на Уставот и законите, а требало да биде чуварот, а со тоа фактор на демократијата, изјави Силјановска.
Според директорката на Академијата на судии и обвинители Наташа Габер-Дамјановска, реформата на Уставниот суд мора да предвидува проширување на корпусот на слободи и права заштитени преку Уставот, односно да се изврши проширување на уставната тужба.
– Компарирано со наши колеги од сите бивши републики на Југославија единстевно Република Македонија има ваква ограничена уставна тужба. Сите други имаат проширена уставна тужба. Според практичниот исход досега не може да се третира како ефикасен правен лек постапувањето на Уставниот суд. Тоа го гледаме во овој опсег на предмети кои минале од Уставниот суд, каде имаме предмети во кои Европскиот суд за човекови права констатирал дека нашиот суд не постапил правилно и тоа се прашања во слободата на изразување и некои прашања на дискриминација, изјави Габер-Дамјановска.