Ози Озборн, фронтменот на легендарниот бенд „Блек Сабат“, е хоспитализиран поради грип, изјави неговата сопруга Шерон Озборн. Поради грипот, Ози мораше да ги одложи концертите на неговата европска турнеја „Нема повеќе турнеи 2“ додека здравјето да му се подобри.
– Како што неколкумина од вас знаат, Ози беше хоспитализиран поради компликациите настанати од грипот. Докторите одлучија дека најбрзиот пат до негово закрепнување ќе биде тој да остане некое време на лекување. Им благодарам на сите за нивната грижа и љубов – изјави Шерон на нејзиниот Твитер профил.
Нејзината изјава потоа беше преполнета со коментари во кои обожавателите му посакуваат на Ози брзо закрепнување и негово враќање назад на сцената откако тој ќе се чувствува подобро. Ози, кој има 70 години, мораше да ја одложи целата турнеја во Велика Британија, пренесува „Пипл“.
– Целосно сум уништен што морам да го одложам почетокот на мојата европска турнеја. Изгледа како сè што ќе започнам од октомври навака да не ми трга од рака – изјави легендарниот вокалист.
Тој откри дека ова не е единствениот проблем поврзан со неговото здравје во последен периодов.
– Прво се случи стафилокока бактеријата на мојот палец, па сега грипот и бронхитот. Сакам да им се заблагодарам на сите обожаватели за нивната лојалност и сакам да се извинам на мојот бенд, на екипата и на бендот „Џудас прист“. Но, ветувам дека турнејата со „Џудас прист“ ќе биде истерана до крај. Турнејата ќе биде презакажана за септември. Уште еднаш се извинувам на сите, и Бог нека ве благослови – рече Ози.
Инфекцијата на прстот на Ози му беше третирана минатиот октомври. Тој на инфекцијата пристапи со шала, споредувајќи ја големината на својот палец со сијалица. За списанието „Ролинг Стоунс“ тој рече дека цело време се шегувал за време на третманот, а неговата сопруга Шерон и докторот не биле воопшто воодушевени од неговиот однос.
– Кога и да влезеше докторот во собата со сериозно, официјално лице, секогаш помислував дека времето ми е дојдено – вели легендарниот вокалист.