Момент од мечот во средата

Вардар по победата во средата над Левен на гости, со 30-27 во 11. коло на ЛШ се зацврсти на 2-то место во групата А, со што во моментов можен противник во осминафиналето е победникот од плејофот Спортинг – Динамо од групите Ц и Д

Португалски Спортинг или романски Динамо Букурешт се можните противници на македонскиот првак Вардар како осминафинална пречка, според сегашниот пласман на тимовите, на три кола пред крајот на групната фаза во Лигата на шампионите (ЛШ) во ракомет.
Вардар по победата над Левен, на гости со 30-27, во 11-то коло се зацврсти на второто место во групата А. Спортинг и Динамо од групите Ц и Д ќе играат во плејофот за пласман во осминафиналето. До крајот на групната фаза сезонава за Вардар и за Левен остануваат уште три кола. Првопласираниот директно оди во четврт-финалето, а екипите од второто до шестото место прво ќе играат во осминафиналето. Во групата А во моментов води Барселона со 18 бода, три повеќе од Вардар.

Избраниците на тренерот Роберто Парондо се во добра позиција и да го задржат постојниот пласман, бидејќи од главните конкуренти за ова место, покрај бодовната предност, имаат и најповолен распоред до крајот на групната фаза. Вардар има три бода повеќе од Левен, Веспрем и од Киелце, со тоа што последните две екипи имаат натпревар помалку.

Теоретски, ако во групата Б не се смени ништо до крајот, а Вардар, на пример, биде трет во групата А, тогаш би играл со украински Мотор, ако биде четврти со хрватски Загреб, a ако биде петти со француски Нант на Кирил Лазаров. Вардар во никој случај не може да биде шести.

Вардарци до крајот од оваа фаза треба да играат дома со унгарски Веспрем и со француски Монпелје, а треба да гостуваат кај шведски Кристијанстад, екипи што беа совладани во првите натпревари сезонава. 


Кој со кого до крајот во групата А
ВАРДАР: Веспрем (д), Кристијанстад (г), Монпелје (д)
ЛЕВЕН: Мешков (г), Киелце (д), Барселона (г)
ВЕСПРЕМ: Мешков (д), Вардар (г), Барселона (д), Киелце (г)
КИЕЛЦЕ: Кристијанстад (г), Монпелје (д), Левен (г), Веспрем (д)
БАРСЕЛОНА: Монпелје (г), Кристијанстад (д), Веспрем (г), Левен (д)