Атинската фондација „Оназис стеги“, во соработка со „Британски совет“, организира дводневна програма во културниот центар „Оназис стеги“ во Атина, со присуство на интернационални гости, плодни дебати и работилници, истражувајќи ја врската помеѓу рачните изработки и одржливата мода.
Премостувањето на културите и заемното учење претставуваа клучна компонента на програмата „Крафтинг д фјучр“. На настанот учествуваше македонската дизајнерка Ирина Тошева, заедно со Светлана Богова Јовановска, основачка и продуцентка на „Моден викенд Скопје“.
– Преку поврзување на експерти од Обединетото Кралство и мноштво други земји, a за да се пренесат знаењата и споделат искуствата на темата, „Крафтинг д фјучр“ им овозможи на културите да се обединат, додека иноваторите да научат едни од други – информираат од „Моден викенд Скопје“.
Првиот ден се одржа конференција што на едно место собра еминентни предавачи и етаблирани имиња од грчката дизајнерска сцена. Публиката имаше можност да добие увид во предизвиците на модерното време, влијанието на брзата мода врз секојдневниот живот и предложените решенија од професионалците во индустријата.
– Акцентот во текот на вториот ден беше ставен на практична обука на учесниците, во чии рамки се најдоа низа работилници, а опфатени области како етика на снабдувачки синџири, рециклажа и циркуларна модна економија. Сите имаа можност да донесат облека што повеќе не ја користат, па со помош на млади дизајнери да ги преработат парчињата, продолжувајќи им го животниот век, а со тоа и придонесувајќи кон одржливоста – додаваат од „Моден викенд Скопје“.