Донација од болничка опрема и апаратура наменета за хемато-онколошкото одделение од Фондацијата „Ти си сончоглед“ (You are a Sunflower) доби Клиниката за детски болести во Скопје. Донацијата со висина од 62 илјади евра е резултат на собраните средства од индивидуалци кои ги купуваа маичките на кампањата „Macedonia You are a Sunflower“.
Фондацијата со седиште во соседна Албанија и со оваа донација покажа како со соработка може да се променат состојбите и во соседните земји.
-На мое огромно задоволство денеска во име на Министерството за здравство на Република Македонија изразувам благодарност за вашиот несебичен и значаен придонес за унапредувањето на болничките услови во одделот на хемато-онкологија во Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, каде се сместени и се лекуваат децата заболени од рак. Вие покажувате дека со иксрена желба и вклучувајќи голем број индивидуи навистина може да се направи промена на позитивно во ова наше општество- изјави министерот Филипче и додаде дека фондацијата е еден од позитивните примери со тоа што искрено ја препозна потребата за ваков вид поддршка.
Новата болничка опрема којашто е ставена во функција се состои од болнички монитори, инфузиони пумпи, ултразвук, аспиратори.
-Здравството е навистина сензитивен сегмент, помошта е секогаш добредојдена, особено кога се во прашање децата и нивното здравје. Посебно сакам да изразам благодарност за неуморната доброволна работа и посветеност на фондацијата и уште еднаш сакам да нагласам дека е добредојдена секоја иницијатива и активност од ваков тип. Децата се наш заеднички приоритет и со вакви иницијативи заеднички придонесуваме за уште подобра здравствена грижа за најмладите и токму ваквите партнерства и соработки предизвикуваат позитивни и хумани промени во општеството- потенцираше министерот Филипче.