Том Брејди рекордер во НФЛ со шест шампионски прстени

Живата легенда, со 19 сезони во НФЛ, Брејди, влезе во историјата на овој спорт со шестиот, рекорден, шампионски прстен надминувајќи го Хејли. Во американските спортови рекордери се Расел (кошарка), Ричардс (хокеј) и Бера (бејзбол), сите со над 10 титули

Њу Ингладс патриотс шести пат е шампион во НФЛ-лигата (американски фудбал), од кои три последниве пет години, а сите во минатите 17 години (во 11 финалиња). Најголеми заслуги за новата титула им се припишуваат на „главниот“ играч, квотербекот (додавач) Том Брејди (41) и на тренерот Бил Беличек (66), кои се најстариот тандем „квортербек-тренер“ во НФЛ.

Кога станува збор за Брејди, Американците повторно ја исфрлија во оптек изреката дека ништо на светот не е сигурно и извесно, освен смртта, даноците и Брејди да го освои супербоулот. Освен прстенот што вреди околу 30.000 долари, Брејди и соиграчите за титулата ќе добијат и по 118.000 долари (6.000 повеќе од лани), а оние од поразениот тим, Лос Анџелес рамс, двојно помалку, по 59.000 долари. Но тоа е вистинска ситница ако се знае дека Брејди има годишна плата од 15 милиони долари, а заработува и од комерцијалните зделки.

Брејди, живата легенда со 19 сезони во НФЛ, влезе во историјата на овој спорт и со шестиот, рекорден, шампионски прстен во деветте финалиња (првиот во 2002-та), надминувајќи го Чарлс Хејли, кој со Сан Франциско и со Далас каубојс освои пет шампионски прстени. Со тие шест Брејди се израмни со една друга американска спортска легенда, со кошаркарот на Чикаго булс, Мајкл Џордан. Но тие шест титули на Џордан се речиси двојно помалку од рекордните 11 на 12-те финалиња во НБА во 50-тите и 60-тите години од 20 век, на уште еден легендарен кошаркар, центарот на Бостон, Бил Расел. Една титула и еден прстен помалку, 10, има колегата на Расел, Сем Џонс.

Со 11 шампионски прстени во хокеарската НХЛ-лига, за освоениот „Стенли куп“ може да се пофали Хенри Ричардс, од Монтреал канадиенс, во периодот од 1956 до 1973 година. Во МЛБ (бејзбол) рекордер со 10 титули и прстени (за 18 сезони) е Јоги Бера настапувајќи за Њујорк јенкис, плус три титули како менаџер. Еден прстен помалку од Бера, девет, има Џо Димаџо.