Повеќе од 150 љубители на природата и совесни граѓани денеска учествуваа во акцијата за чистење на езерото Козјак од пластика, одржана во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на планетата земја, кој годинава се одбележува под мотото „Да се запре загадувањето од пластика“. 

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, рече дека на денешната акција која е во организација на МЗЖСПП, Здружението „Гоу Грин“ и фондацијата „ЦНВП Македонија“, се собира отпад кој е создаден од луѓето.

– Апелирам за сеопфатна акција на сите. Доколку сакаме да ставиме крај на пластиката како отпад, тоа да го направиме уште дома, да го селектираме во посебни контејнери, како и да се едуцираат децата уште во градинките и училиштата – рече Макрадули. 

Тој најави дека МЗЖСПП, со дополнителни мерки со измените на Законот за отпад, ќе се приклучи во акцијата за поефикасно справување со пластиката.