Фото: Маја Јаневска-Илиева

Како што сега стојат работите, Македонија со осмо место на ЕП 2020 (претходно со сите други исполнети услови) во квалификациите за ЛОИ би играла со Германија, Шведска и со третопласираната од првенството на Африка, а ако биде деветта со Франција, Хрватска и со вицешампионот на Африка. Секако, има други комбинации, во зависност од пласманите на континенталните првенства

Со завршувањето на Светското првенство (СП) во ракомет во Германија и во Данска не заврши олимпискиот сон на македонската машка ракометна репрезентација, оти Македонија, иако не се пласира во вториот круг од натпреварувањето и заврши на 15-то место, има шанси да се најде на квалификациските турнири во 2020 година.
До квалификациите за пласман на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио в година Македонија може да дојде и преку Европското првенство (ЕП) в година во Австрија, Норвешка и во Шведска, но за да се реализира тоа ќе мора да се совпаднат повеќе работи.

Секако, прв услов е Македонија да се квалификува за ЕП 2020, односно да забележи победи во дуелите со Турција, Грција и со Исланд во квалификациите годинава. Потоа, на ЕП 2020 Македонија нема да има право на грешка, што би значело поминување на групната фаза, а во втората фаза да биде една од двете најдобропласирани репрезентации што веќе немаат обезбедено пласман на ЛОИ или играње во квалификациите, преку настапот на неодамнешното СП.

Тоа би значело, сите седум репрезентации што обезбедија пласман преку СП да бидат меѓу најдобрите седум и на ЕП, а Македонија потоа да биде осма или деветта. Или, уште подобро, Македонија да има подобар пласман од осмото место на ЕП, ако некоја од седумте од СП не се пласира до седмото место.

Но дали сето тоа ќе се оствари, многу ќе зависи од ждрепката и со кои противници Македонија ќе игра во групната фаза и со кои противници ќе вкрсти потоа во продолжението од шампионатот. На пример, Македонија во квалификациите за ЛОИ 2012 се пласира преку најголемиот досегашен успех, петтото место на ЕП 2012.
Директен пласман на ЛОИ 2020 во Токио засега имаат домаќинот Јапонија и светскиот првак Данска, а ќе се пласираат и европскиот, азискиот, панамериканскиот и африканскиот првак, како и шест репрезентации од трите квалификациски турнири.

Место во квалификациите ќе има за шесте најдобропласирани селекции на СП 2019 по првакот Данска (Норвешка, Франција, Германија, Шведска, Хрватска и Шпанија), потоа за вицепрваците на Панамериканското првенство и на Азија, како и вицепрвакот и третопласираната селекција од Африка и втората и третопласираната репрезентација од ЕП 2020 (секако, под услов меѓу првите три да нема некоја од селекциите што преку СП се пласираа во квалификациите).

Како што сега стојат работите, Македонија со осмото место на ЕП 2020 (претходно со сите други исполнети услови) во квалификациите за ЛОИ би играла на турнирот во група со Германија (домаќин) и со Шведска, како и со третопласираната од првенството на Африка. Ако, пак, биде деветта на тоа ЕП, би играла против Франција (домаќин) и против Хрватска, како и против вицешампионот на Африка. Од секоја квалификациска група на ЛОИ ќе играат најдобрите две репрезентации.

Во случај некоја од шесте најдобропласирани селекции на СП 2019 (Норвешка, Франција, Германија, Шведска, Хрватска и Шпанија) да стане европски првак, тогаш ќе дојде и до измена на селекциите по квалификациските групи, оти новиот првак ќе игра директно на ЛОИ. Така, на пример, ако Норвешка биде европски првак, тогаш нејзиното место во квалификациската група за ЛОИ ќе го заземе Франција, местото на Франција ќе го земе Германија, итн.

Македонија во квалификациите за ЛОИ 2012 во Лондон играше на турнир во Шведска, против домаќинот, потоа со Унгарија и со Бразил и го освои четвртото место без бодови. На турнирот за пласман на ЛОИ 2016 во Рио де Жанеиро црвено-жолтите се најдоа во групата со домаќинот Полска, Тунис и со Чиле и го освои третото место со два бода. Од двата турнира на ЛОИ играа провопласираните две селекции (Шведска и Унгарија, односно Полска и Тунис). 


КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЛОИ 2020
Турнир 1
Норвешка (СП 2)
Шпанија (СП 7)
втор од Пан Америка
втор од Азија

Турнир 2
Франција (СП 3)
Хрватска (СП 6)
втор од Африка
трет од Европа

Турнир 3
Германија (СП 4)
Шведска (СП 5)
трет од Африка
втор од Европа
составот на групите е по СП 2019