Тинејџерот што вчера пукаше во средно училиште на Флорида, при што еден ученик беше повреден, дополнително ја вознемири јавноста во САД поради начинот на кој се извини за оружениот напад, пренесува „Њујорк пост“.
– Извинете. Ама и онака не е важно. Не застрелав никого – кажа Скај Буш (19) кој го внел оружјето во училиштето во Окала, криејќи го во сандак за гитара.
Седумнаесетгодишно момче било примено во болница поради повреди на скочниот зглоб, откако напаѓачот погодил врата од заклучена училница. Другите ученици и наставниците правеле барикади на вратите на училниците, со маси и столчиња, во обид да се заштитат.
Буш, кој е поранешен ученик во училиштето, бил приведен набргу по нападот.
Пукањето се случило дента кога бил планиран протест во училиштата против оружените напади, по повод годишнината од нападот во средно училиште во Колумбајн во 1999 година, кога 13 лица ги загубија животите, а 23 беа повредени.
Оружениот инцидент доаѓа по нешто повеќе од два месеци од нападот во средно училиште во Паркленд, Флорида, во кој загинаа 17, а беа повредени уште толку лица.