Безбедносните сили на државата се судрија со демонстрантите во главниот град на Судан, Картум, за време на анти-владините протести во државата, пренесува Би-би-си. Полицијата искористи и солзавец за да ги разбие групите на демонстранти.
Според информациите од Судан, во тек се демонстрации на најмалку 50 локации во целата земја, а според новинари од земјата ова се најголемите и најмасовни протести во историјата на Судан.
Протестите во Судан започнаа минатиот месец поради економската ситуација во земјата, но сега се насочени кон уривање на власта на претседателот Омар ал-Башир. На протестите, според официјални лица од државата, животот го загубиле 26 луѓе, додека групите за човекови права велат дека има повеќе од 40 жртви.
Според Би-би-си, лекарите биле главна мета не безбедносните сили, поради нивниот висок социјален статус, но и поради тоа што неколку лекари биле организатори на протестите.
Минатата недела, државните сили застрелаа 16-годишно момче и лекар за време на протестите во главниот град на Судан. Во телото на загинатиот лекар Бабикер Абдулхемеед биле пронајдени над 14 куршуми.
Дел од странските новинари биле спречени да известуваат за настаните, а повеќе новинари од „Ал-Џезира“, турската „Анадолу“ и саудиската „Ал Арабија“ не им било дозволено да се акредитираат како репоретри.