Домот на културата „Крсте Мисирков“ во Свети Николе годинава одбележува 50 години од своето работење. Оваа општинска установа е основана во далечната 1969 година, а неколку години подоцна е сместена во објектот каде што се наоѓа и денес. Во чест на јубилејот, годинава ќе бидат организирани повеќе културни настани во Свети Николе.
Одбележувањето почнува со претставување и прикажување на една од десетината објавени книги од авторот Никола Ристевски, изданието насловено „Свети Николе – главната населба во Овчеполската Котлина“.
Промоцијата ќе се одржи во градската библиотека „Гоце Делчев“ во Домот на култура во 18.30 часот.
За работата на авторот и за книгата ќе говорат Мирјана Василева и Емилија Гелева, кои се по потекло од Свети Николе, заедно со Вангел Божиноски. Присутните ќе имаат можност да погледнат видеопроекција за снимени кадри од значајни места во Овчеполието и кратко видеообраќање со дел од книгата, читан од актерот Никола Кузелов. Настанот ќе биде дополнет со изложба на фотографии од Овчеполието и од Свети Николе, фотографирани од Дандан Дан, Дуле Јанев, „Супер брејн рисрч груп“ и други автори.
Музичкиот дел ќе опфати класична музика, отсвирена од Петар Трбојевиќ и македонска музика, претставена од Билјана Ѓошева и од Виктор Спасов. Посетителите ќе имаат можност и да разгледаат дел од издадените книги на авторот, но и да си набават примерок од изданието „Свети Николе – главната населба во Овчеполската Котлина“.
Со ова претставување на книгата за Свети Николе почнуваат јавните прикажувања на објавените книги за Овчеполието, а следните настани ќе бидат посветени на делото „За овчеполските работи“, трите делови од едицијата „Зборник за Овче Поле“, книгата „Овчеполските села“ и другите изданија.