Независниот синдикат на градежни работници, инженери и трговци во градежништвото (НСГРИТ) бара да го следи постапувањето по претставките за кршење на работничките права затоа што смета дека сегашните механизми се нетранспарентни и не нудат заштита и гаранции за работните места на работниците.
– Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на својот фејсбук-профил истакна дека на бројот 15-131, работниците можат да се јавуваат за претставки за неисплатен К15 и за други неправилности во однос на работничките права. Го поддржуваме овој начин на обраќање на министерката, но работниците не веруваат дека ќе биде постапено по нивната претставка. Ретко кој од работниците има Фејсбук. Ова треба да биде потранспарентно – изјави Атанас Трајковски, претседател на НСГРИТ.
Според Трајковски, решение за проблемот е да се формира координативно тело за унапредување на работничките права во кое би членувале синдикати и експерти што би ги следеле активностите што по претставките ќе ги преземаат Министерството за труд и социјална политика и надлежните инспекторати. Доколку работниците не почувствуваат апсолутна сигурност дека ќе немаат последици по нивните работни места, смета Трајковски, акцијата на министерката нема да успее.
– Затоа е потребна директна вклученост на независните синдикати, кои ќе ги проследуваат претставките што ќе бидат пријавувани на телефонскиот број, ќе ги спроведуваат на терен и ќе стојат заштитнички зад работниците. Идентитетот на работникот што пријавува неправилности со формирањето на координативното тело ќе биде со статус на заштитен сведок во евентуален судски спор – вели Трајковски.