Полесно ни е да се затвориме самите во помали табори и така секој поединечно или во мали групи да си ги остваруваме сопствените цели и желби. И додека се делиме на патриоти и предавници во секое семејство, на работното место, па и на социјалните мрежи, забораваме дека нашите деца неповратно заминуваат во далечни земји за да си ги остварат своите идеали
Секоја генерација има свои идеали што ја водат напред во животот. Мојата генерација ја имаше можноста да дејствува во време во различни општествени системи. Бевме родени во периодот на социјалистичкото самоуправување, преминавме во долгогодишна транзиција, со тежнение конечно да пристигнеме во новото современо општество, кое се темели на парламентарна демократија и почитување на граѓанските права и слободи. Секое време си бараше поставување нови цели и идеали, кои беа спротивставени едни на други. Беше тешко да се помине тоа временско растојание и од припадниците на мојата генерација бараше постојано приспособување. Се справувавме со проблемите во семејството, на работа (која ја немаше за многумина) и со редефинирањето и изградбата на новата и независна држава. Секој се снаоѓа(ше) како знае и умее во тој транзициски процес, на кој не му се гледа(ше) крајот. За многумина тоа беше можност за добра заработка, за други тоа беше голем предизвик да се зачува човечкото достоинство.
Успеавме ли да ги исполниме идеалите на нашата генерација? Кои се тие и дали се истите од времето кога, како завршени матуранти, зачекорувавме по долгиот пат полн со неизвесност и многу пречки? На ова прашања ме наведе една порака на социјалните мрежи, која ми ја испрати еден мој соученик во мај минатата година. Со него се немавме видено со години, иако живееме во истиот град. Ме видел на некој семафор како во автомобил чекам да се отвори „зелено“ и се сетил да ме побара за пријател преку Фејсбук! Информацијата за повторна средба со мојата генерација 1979/1983 од средното училиште „Борис Кидрич“ ми ги врати сеќавањата 35 години назад. Тоа беше шанса да се биде повторно со своите другари од средношколските клупи, да се навратиме на времето кога се градевме како личности и се подготвувавме да зачекориме во долгогодишната неизвесност, за која тогаш не бевме свесни како ученици. Ми се чини дека ни нашите професори немаа некоја јасна визија за тоа каде се движи тогашната братска југословенска заедница.
Во тоа време „Борис Кидрич“ важеше за престижно училиште, во кое не можеше да се запишеш ако немаш одличен успех, но и дополнителни „препораки“ од пошироката општествена заедница. Оттука се регрутираа новите раководни кадри на општествените претпријатија. Барем така мислеа нашите родители. Пред поранешните бараки во Кисела Вода, во кои беа сместени училниците, учениците ги нарекуваа „катакомби“, за време на приемните рокови се правеа долги редови во раните утрински часови од родители што доаѓаа да фатат први редови за да ги поднесат документите за упис. Некои не ни беа свесни дека списоците за примените ученици веќе однапред беа направени.
Погледнато од оваа временска дистанца, може да се каже дека тоа беше период кога социјалистичкиот самоуправен систем ги покажуваше своите слабости, а тогашните партиски раководства не наоѓаа сили да го признаат тоа, ниту пак имаа храброст да променат нешто. Општествените процеси се движеа во лер, без да се направат значајни реформи. Образованието се сведуваше на предавање на лекцијата и нејзино репродуцирање, а единствена новина беше користењето дигитрон на часовите по математика!? Тоа беше времето кога се појавуваа првите социјални разлики. Во продавниците недостигаа основни прехранбени продукти. Се појавуваа првите „ситни капиталисти“, кои во тоа време срамежливо се нарекуваа малостопанственици. Царуваше шверцот на фармерки и разна техничка стока од Трст и од Солун. Доволно беше да се има едно или две парчиња облека од странство и веднаш се влегуваше во повисоката „класа“.
Успеавме ли да ги исполниме идеалите на нашата генерација? Последните години повторно се наоѓаме пред нови искушенија. Се соочуваме со нови дилеми: дали да се остане на сегашните позиции или да се прифатат промените и да се тргне по патот полн со нови неизвесности и предизвици
Што е тоа што ја одвојувало генерацијата 58 на економското училиште „Борис Кидрич“!? Кои вредности нѐ воделе тогаш? Во предговорот на монографијата се дава една насока по која требало да се движиме во иднина и кон што треба да го насочиме нашето стекнато знаење како млади економисти. Во текстот со неколку општи реченици е напишано и ова: „По матурата, ќе тргнеме на разни страни. Покрај момчињата, униформата на ЈНА ќе ја облечат и некои наши другарки. Меѓутоа, мораме да останеме такви какви што сме сега: активно да се вклучиме во борбата за стабилизација на земјата“. Значи, тоа било клучната водилка во тоа време: одбрана и стабилизација.
Последните години повторно се наоѓаме пред нови искушенија. Мојата генерација се соочува со нови дилеми: дали да се остане на сегашните позиции или да се прифатат промените и да се тргне по патот полн со нови неизвесности и предизвици. Изборот на вистинското решение не е нималку лесен. Потребни се многу одрекувања и жртви на секој од нас. Но најмногу е потребен здрав разум, како и меѓусебно почитување и разбирање. Околностите во кои треба да се донесе вистинската одлука не се нималку пријатни. Државата предолго се наоѓа во политичка криза, а економијата никако да закрепне. Образованието продолжува да продуцира луѓе со дипломи, а не луѓе со знаење и способност за критичко расудување. Некогашниот идеал да се работи во канцеларија е заменет со работење во државно претпријатие, кое се стекнува со задолжително поседување партиска книшка. Во земјата се видливи длабоки поделби по сите основи: национални, политички и верски. Кај актуелните раководни партиски структури од власта и од опозицијата недостига волја за изградба на здраво и демократско општество, кое ќе биде подготвено да се приклучи на општите промени што ги носи новиот светски поредок. Во такви околности тешко е да се изгради една заедничка визија за нашата држава, зад која ќе застанат сите единствено и сложно.
Полесно ни е да се затвориме самите во помали табори и така секој поединечно или во групи да си ги остваруваме сопствените цели и желби. И додека се делиме на патриоти и предавници во секое семејство, на работното место, па и на социјалните мрежи, забораваме дека нашите деца неповратно заминуваат во далечни земји за да си ги остварат своите визии, за постојана работа и пристојна плата, како и за живот во организиран систем, во кој ќе се ценат знаењето и умеењето на секој поединец. Нешто, што ние не успеавме да го направиме за нашиот досегашен живот. Пред нас е последната можност да го сториме тоа.