Репрезентативците на Норвешка со убедлив резултат од 41:20 ги победија ракометарите на Чиле, со што барем за сега ја обезбедија првата позиција во групата Ц на Светското првенство во ракомет (СП) во Германија и Данска.
Со оваа победа, норвежаните остануваат без пораз и како први на табелата го чекаат епилогот од натпреварот на Австрија и Данска, кој е закажан за денес во 20.45 часот.
Во групата А, репрезентацијата на Србија ја забележа првата победа на СП и со пресврт ја победи репрезентацијата на обединетата Кореја со резултат 31:29. Србите моментално имаат 3 бода и се на 5-тата позиција во групата, а Кореја останува на последното 6-то место, без освоени бодови.
Во 20.30 часот, закажано е и дербито на колото и борбата за врвот во групата А, кога во Берлин ќе се сретнат моменталниот светски шампион Франција и репрезентацијата на домаќинот Германија.