Фото: Пиксабеј

Повеќето луѓе претпоставуваат дека стапките на самоубиства се највисоки во зима, но пролетта/ почетокот на летото е вистинскиот период кога самоубиствените однесувања го достигнуваат својот врв. Истражувањето на Факултетот за психологија на Универзитетот во Нотингем, предводено во соработка со Универзитетот во Амстердам и Универзитетот Харвард, ги испита сезонските „преференции“ на самоубиствените мисли и идентификуваше кога тие го достигнуваат врвот во текот на годината, а исто така и точно во кое време од денот овие мисли се најлоши. Во период од шест години – колку што траеше истражувањето – беа собрани одговори од над 10.000 луѓе во Обединетото Кралство, САД и Канада, кои пополнуваа прашалници и задачи за нивните расположенија, мисли и идеи за самоубиство и самоповредување, користејќи ја Проектната база на податоци за имплицитна здравствена заштита (ПИХ).

Истражувачите, Брајан О’Ши и Рене Фрајшел, укажаа на фактот дека самоубиствените мисли се, всушност, најизразени во зима (декември) и развија концептуален модел за тоа зошто на самоубиственото однесување му требаат неколку месеци за да се достигне „пресвртна точка“. Тие, исто така, открија дека интервалот меѓу 4 и 6 наутро е периодот од денот кога луѓето веројатно се најранливи за одземање на сопствениот живот, пишува „Фајс.орг“.

-Документирано е дека зимата е време кога луѓето со ментални здравствени проблеми може да се борат со влошување на расположението и засилување на депресијата. Навистина, веќе е познато дека сезонското афективно пореметување е поврзано со промената на сезоната, која влијае на менталното здравје на многу луѓе. Оттука, можеби е изненадувачки што пролетта, време кога би претпоставувале дека расположението на луѓето се подобрува, всушност е период од годината кога кај луѓето постои најголем ризик од самоубиство. Причините за ова се сложени, но нашето истражување покажува дека самоубиствените мисли и расположението се најлоши во декември, а расположението е најдобро во јуни. Помеѓу овие две точки постои зголемен ризик од самоубиствено однесување, и сметаме дека тоа се случува бидејќи постепеното подобрување на расположението и зголемената енергија може да ги поттикнат луѓето да планираат и да се вклучат во обид за самоубиство – објаснува д-р Брајан О’Ши од Универзитетот во Нотингем, кој ја предводеше студијата.

За целта на студијата беа креирани онлајн задачи, преку кои се испитува временската динамика на експлицитните и имплицитните сознанија за самоповредување, при што експлицитното сознание се испитува преку директни прашања за расположението, самоубиството и самоповредувањето, користејќи стандардна скала од 1-5. Имено, од луѓето се бараше да ги сортираат зборовите што се однесуваат на нив самите во актуелното време, со употреба на зборови за смрт и живот.

Испитаниците во примерокот беа поделени во три групи: минати обиди за самоубиство; самоубиствени идеи и/или несамоубиствено самоповредување; и непостоење на претходно самоповредување, самоубиствени мисли или однесувања. Во текот на шесте години, колку што траело истражувањето, научниците откриле генерално зголемување на негативните мисли за самоповредување во однос на сезонското влијание врз расположението и желбата за умирање, особено кај оние кои претходно веќе имале обид за самоубиство.

Наодите покажуваат латентност помеѓу врвот на експлицитното и имплицитното размислување за самоубиство во текот на зимата и најчестите обиди за самоубиство во текот на пролетта. Експлицитните мисли за самоубиство – кои го достигнуваат својот врв во декември –им претходат на имплицитните асоцијации за самоповредување, кои го достигнуваат врвот во февруари. И двете кулминации му претходат на потенцијалниот чин на самоубиство во текот на пролетта или почетокот на летото. Во однос на точното време од денот кога веројатноста да се крене рака на себе е најголема, утврдено е дека најризичен е периодот помеѓу 4 и 5 часот изутрина.

-Оваа студија е првата од ваков обем која ги разгледува временските трендови поврзани со мислите и расположението за самоповредување, одредувајќи ги притоа моментите кога интервенцијата навистина би можела да биде најкорисна – заклучува д-р О’Ши.

Подготви: Валбурга Батева Николоска