Ѓорѓе Јовановиќ е мултимедијален уметник, кој има реализирано повеќе проекти во чиј фокус се прашањата за интеграцијата и дезинтеграцијата на современиот човек. Има реализирано повеќе самостојни изложби во државата и странство, како и повеќе групни изложби.
Добитник е на повеќе награди: „Денес“ – за млад уметник за 2009, награда за видео на меѓународниот фестивал „Алтернативен филм / Видео во Белград“ (2009), специјална награда на „Акто фестивал“ (Битола, 2012) и за најдобар млад уметник на десеттото Биенале на млади уметници (Музеј на современата уметност, 2013).

Страв ни е од стравот затоа што…
– Тој нѐ прави „неподвижни“.

Се бориш да не се заборават некои луѓе затоа што заборавот значи…
– Дека некој или нешто не постоел(о).

Уметноста е зависна од…
– „Опседнати“ уметници.

Мали сме кога…
– Сме пред шалтер.

Перверзно е…
– Македонското секојдневие.

Умот ни е отворен онолку колку што…
– Можеме да сфатиме дека светот е многу покомплексен, наспроти пишувањето на фејсбук-статуси чие влијание е од Табановце до Богородица.

Не можеш да живееш без…
– Тишината.

Информацијата е (не)важна затоа што…
– Може да ни помогне за да не ни ја затворат сметката во банка.

Најслаби сме кога…
– Не веруваме.

Скопје е…
– Мирисот на ѓеврекот од локалната пекара, бучниот камион што собира ѓубре секоја вечер во 23 часот, пријатната смеа пред кафе-бар „Лајка“, соседот што ми фрла отпушоци пред влезна врата, пресечената лубеница на тезга на пазарчето Буњаковец…