Фото: Пиксабеј

Пластиката што ја содржат разни предмети, од пакувања за храна до играчки и медицински помагала, содржи многу повеќе хемикалии отколку што претходно проценуваа агенциите за животна средина, покажа извештајот за животна средина на Обединетите нации, отворајќи повеќе прашања за загадувањето и за безбедноста на потрошувачите.

Хемикалиите од пластиката можат да навлезат во водата и во храната

Програмата за животна средина на Обединетите нации претходно идентификуваше околу 13.000 хемикалии во пластиката, но тим од европски научници откри повеќе од 16.000 хемикалии, од кои една четвртина се потенцијално опасни по здравјето на луѓето и животната средина. Извештајот беше финансиран од Истражувачкиот совет на Норвешка откако е утврдено дека е неопходно справување со растечкото загадување со пластика, со околу 400 милиони тони пластичен отпад произведен секоја година.
– Со цел енергично да се справите со загадувањето со пластика, всушност треба да го погледнете целиот животен циклус на пластиката и треба да се справите со проблемот со хемикалиите – вели коавторката на извештајот, Џејн Мунке, директорка на швајцарска непрофитна организација за пакување храна.

Причината за тоа е фактот што хемикалиите од пластиката можат да навлезат во водата и во храната.
– Сега наоѓаме стотици, ако не и илјадници, хемикалии од пластика кај луѓето, а некои од нив се поврзани со негативни здравствени исходи. Тие вклучуваат проблеми со плодноста и кардиоваскуларни болести – рече Мунке.

Кимберли Вајз Вајт, потпретседателка за регулаторни и технички прашања на Американскиот хемиски совет, индустриска група чие членство е доминирано од производители на пластика, рече дека извештајот се обидува да „прикаже опасна рамка што ја игнорира изложеноста во реалниот свет“.

Поголема транспарентност за типот на хемикалиите

Фото: Пиксабеј

Индустрија за пластика смета дека глобалниот договор што треба да се постигне во иднина треба да промовира рециклирање и повторна употреба на пластиката, но авторите на извештајот предупредуваат дека решавањето на проблемот со пластичниот отпад само по себе не оди доволно далеку за да ги заштити луѓето.
Научниците ја истакнаа потребата за поголема транспарентност за тоа кои хемикалии влегуваат во пластиката и во рециклираните производи, вклучувајќи адитиви, помагала за обработка и нечистотии.

За четвртина од идентификуваните хемикалии недостигаат основни информации за нивниот фундаментален хемиски идентитет, се вели во извештајот. Сржта на проблемот е хемиската сложеност на пластиката. Производителите често навистина не знаат какви хемикалии има во нивните производи. Само шест отсто од хемикалиите што се наоѓаат во пластиката се меѓународно регулирани. А без регулаторен притисок нема мотивација да се открие што сѐ има во пластиката.

Преговорите продолжуваат следниот месец во Отава, Канада, со цел да се финализира договорот за регулирање на овој проблем во декември во јужнокорејскиот град Бусан.