Околу 300 километри источно од Мумбај, во оддалеченото индиско село Шани Шигнапур, криминалот е туѓ збор и поради тоа селаните престанале да ги чуваат своите куќи, имот и скапоцености. Веќе никој не ги заклучува своите автомобили и мотори, продавачите ја оставаат готовината во отворени фиоки, а домаќинските го чуваат својот накит во отворени кутии. Во куќите луѓето немаат ниедна врата, туку само дрвени рамки за нив, зад кои има завесa.
Жителите на ова село се однесуваат на овој начин бидејќи безгранично му веруваат на својот небесен заштитник, лордот Шани, за кого веруваат дека ги штити од крадци. Се верува дека оној што ќе украде што било во ова место ќе го навлече на себе гневот на лордот Шани, хиндуистички бог, познат по својата лута нарав и склоност кон одмазда, што ги оддалечи лошите луѓе од Шани Шигнапур веќе 300 години. Така, барем, гласи преданието.
Легендата вели дека пред повеќе стотици години, по периодот на интензивни дождови и поплави, на брегот на реката што минува низ селото е пронајдена тешка плоча од црн камен. Се раскажува дека кога месното население го допрело каменот, од него почнало да капе крв. Една ноќ старешината на селото сонил сон во кој лордот Шани му се обратил и му открил дека плочата, всушност, е самиот тој. Шани им дал инструкции на селаните да го задржат каменот во селото, бидејќи сакал тука да остане и да ги заштити неговите жители. Им напоменал да ја чуваат плочата на отворено за да може да го надгледува селото. Утредента селаните го однеле каменот на суво и го поставиле на платформа без покрив во центарот на селото. Исто така одлучиле да ги тргнат сите врати и брави на своите куќи. Бидејќи господ ги чува, мислеле дека веќе нема да им бидат потребни. Од тој миг датира оваа необична традиција.