За вршител на должноста директор на ансамблoт за народни игри и песни, „Танец“, Министерството за култура и туризам ја назначи Весна Митевска. Назначувањето доаѓа по личното барање за разрешување на досегашниот директор Мартин Вучиќ, кој ја извршуваше функцијата шест години, откако беше назначен во 2018 година.
Весна Митевска доаѓа на раководната функција од редот на вработените во „Танец“, каде што ја имаше позицијата на истакнат играч од прв ред – солист и таа е наедно и прва жена директор во 75-годишното постоење на институцијата.
Таа е вработена во „Танец“ од 2006 година, прво како дел од вокалниот состав, а од 2012 година станува дел од игроорниот кор на ансамблот, како истакнат играч од прв ред – солист. Низ нејзината посветена работа во концертните активности на „Танец“ ги има претставувано македонската култура и традиција на многубројни настапи, како во нашата земја така и надвор од неа, на престижни сцени во Австралија, САД, Шведска, Белгија, Германија, Италија, Латвија и во многу други земји. Во нејзината биографија се вброени и посетите на семинари, меѓу кои и оној за изучување на лабановата нотација на српскиот етнолог и етнокореолог Оливера Васиќ. Во моментов, Митевска работи и на својата прва книга, монографијата за фолклорната група од селото Петровец, местото каде што со години и самата живее.