Најголемиот регионален настан на електронска музика ова лето ќе се случи во Скопје, со најголемата и најконзистентна ѕвезда на електронската музика на сите времиња – Тиесто, најавуваат од „Авалон“. Тој доаѓа во Скопје на 16 јуни, а ќе настапи на стадионот на АРМ.
– Настапот на Тиесто е ексклузивен, ако се земе предвид дека последниве неколку години гостува или во Америка или само на големи фестивали какви што се „Ултра мјузик“ и „Тумороуленд“. Мораме да признаеме дека за да го реализираме ова гостување ги искористивме емоциите на Тиесто и Скопје коишто беа видливо искажани на неговите два настапа во наша организација пред околу 15 години, кога електронската музика не беше ни приближно популарна и масовно прифатена како што е сега – велат организаторите.
На светската музичка сцена, Тиесто важи за многу повеќе од диџеј и продуцент, статус што го заслужи уривајќи ги сите рекорди за секое негово издание. Магазинот „Ролингстон“ неодамна го прогласи за светски диџеј број 1, а билборд за „кум на ЕДМ“, додека магазинот „Миксмаг“ го прогласи за „најдобар на сите времиња“.
Настапот на Тиесто ќе биде проследен со светска продукција, звук и светло, а македонската и регионалната публика ќе уживаат во многуте негови хитови, меѓу кои и: „The Business“, „The Motto“, „Don`t be shy“, „BOOM“, „Ritual“, „Secrets“ и уште многу други.