Производството на новата верзија на најпродаваниот модел „Y“ би можело да започне кон крајот на 2025 година, а „Тесла“ побара од своите доставувачи да се подготват за двоцифрено зголемување на неговото производство во фабриката во Шангај. Под притисок од падот на продажбата и профитот, кој за јули на меѓугодишно ниво изнесуваше дури 45 отсто, компанијата „Тесла“ беше принудена да бара нови начини за раст и заработка.
А дека веќе се работи на тоа, сведочат и најновите информации дека фабриката на „Тесла“ во Шангај се подготвува да произведе нова верзија на својот најпродаван електричен автомобил, моделот „Y“ со шест седишта. Производството на оваа верзија би можело да започне на крајот на 2025 година. Компанијата побарала од своите доставувачи да се подготват за двоцифрено зголемување на производството на моделот „Y“ во кинеските производствени капацитети.
Овој модел, кој првпат беше претставен во 2020 година, неодамна беше подложен на освежување и реконструкција во рамките на проектот наречен „Џунипер“. Ажурираниот „Y“ со пет седишта ќе започне да се произведува на почетокот на 2025 година, а не оваа година како што првично беше планирано.
Сè побавниот раст на интересот на потрошувачите за купување електрични возила, но и големата експанзија на моделите на кинеските производители, како во Кина така и на другите големи светски пазари, го доведоа бизнисот на „Тесла“ во проблеми и загуби. Компанијата се соочуваше со проблеми цела оваа година, поради што го намали производството во фабриките во Шангај и Остин, ги напушти плановите за производство на мал прифатлив електричен автомобил со цена до 25.000 долари, а во април отпушти дури 14.000 работници, а сето тоа се одрази со падот на вредноста на акциите на „Тесла“ на берзите.