Дијабетесот е сериозна болест што предизвикува превисоко ниво на шеќер во крвта. Иако точната причина за дијабетес тип 1 е непозната, кај пациентите што имаат тип 2, причините често се поврзани со фактори како што се прекумерна тежина и недоволно вежбање. Сепак, тоа може да биде и последица на генетиката.
Како и со секоја друга состојба, најважно е да ги забележите симптомите што е можно поскоро и да побарате лекарска помош. Симптомите понекогаш се очигледни, но дијабетесот, наречен тивок убиец, понекогаш се карактеризира со суптилни симптоми.
Според д-р Максим Муканс, често занемарен индикатор за потенцијален преддијабетес или дијабетес се промените на кожата.
– Многу луѓе не сфаќаат дека одредени кожни состојби може да се поврзат со основните проблеми, како што е отпорноста на инсулин, што е белег на преддијабетес и дијабетес тип 2 – вели докторот.
Д-р Муканс истакнува дека чест симптом поврзан со дијабетесот е потемнување на кожата на одредени области, особено околу вратот, пазувите и препоните. Овој знак укажува на отпорност на инсулин и може да се појави пред да се развие дијабетес.
– Тоа не е само козметички проблем, туку потенцијално црвено знаме за основната метаболичка дисфункција – објасни д-р Муканс.
Покрај темните дамки на кожата, другите симптоми на дијабетес вклучуваат често мокрење, необјаснето губење или зголемување на телесната тежина, замор и слабост, заматен вид и бавно зараснување на раните.