Прва стручна книга на македонски јазик од областа

Првата стручна книга на македонски јазик што се осврнува на дилемите при следење на бремените пациентки со хипертензија или со бубрежни заболувања „Бубрег и бременост“ од Билјана Герасимовска беше промовирана во преполната книжарница „Литература.мк“. Кон публикацијата, која е во издание на „Арс ламина“, се осврнаа рецензентките Катица Зафировска и Ѓулшен Селим. Настанот беше збогатен со музички настап на Елизабета Мицева на виолончело.
Промоторките истакнаа дека оваа книга содржи повеќе практични упатства што се однесуваат на следење и третман кај жени кај кои бубрегот првпат е засегнат во текот на бременоста, како и кај жени што веќе имаат бубрежно заболување. Затоа, ќе биде од корист за нефролозите, гинеколозите и интернистите, а можеби и за општите лекари што водат бремени пациентки. Книгата се препорачува и за специјализантите, за време на нивното учење и практична работа. Изданието ќе им биде од корист и на студентите на Медицинскиот факултет доколку сакаат да научат повеќе и ако размислуваат за специјализација во сродни области. Бидејќи книгата содржи конкретно упатство за водењето одредена болест во текот на бременоста, можна е директна примена во работата на лекарите од сите споменати специјалности.
Д-р Герасимовска, која е професорка на катедрата по интерна медицина на Медицинскиот факултет во Скопје, истакна дека својата професионална кариера како лекарка и својата научноистражувачка работа ги почнала со грижа за бремени пациентки што имаат висок крвен притисок.
– Искуството во оваа област, кое го стекнував во период од повеќе од 25 години, бараше постојано надградување со следење стручна литература, консултации со колеги, како и многу дилеми во клиничките одлуки. Ставовите за лекувањето на состојбите поврзани со бубрежни болести, или новонастанати состојби во бременоста кои го засегаат бубрегот, се менуваат. Бременостите кај пациентки со бубрежни заболувања не се препорачуваа. Сега постојат повеќе можности за нивно водење и успешно завршување. Секоја бременост со добар исход, во такви околности, е успех. Мотивацијата да се вклучат тие сознанија во книга настана поодамна, но се искристализира во 2023 година. Објавени се поголем број нови клинички упатства што се однесуваат на темата и постојат препораки за водење на бременоста и во претходно постојни болести. Досега не е објавена таква книга кај нас, што беше и причина за подготовката на книгата. Многумина од помладите колеги секојдневно се среќаваат во амбулантата со бремени пациентки што имаат некакво бубрежно засегање. Бременоста е состојба во која грижата е и за мајката и за плодот и затоа постојат сериозни дилеми во водењето. Таквите консултации се чести и затоа претпоставив дека доколку имаат една книга, која конкретно им ги посочува приказите на случаи и упатствата за дијагноза и лекување, ќе им помогне во нивната работа… Водењето на бремените пациентки со бубрежно засегање бара внимателно, често и темелно следење во текот на бременоста. Многу од овие состојби имаат влијание врз здравјето на мајката по завршувањето на бременоста и затоа следењето треба да продолжи.

Со соодветно знаење, следење и мултидисциплинарен пристап со вклучување повеќе специјалности, исходот на бременоста ќе биде успешен. Верувам дека книгата ќе помогне за таа цел – рече авторката Герасимовска.
Таа додаде и дека е големо задоволството кога ризичната бременост ќе заврши добро за мајката и за плодот. Следењето не завршува тука бидејќи во иднина кај мајката се можни промени во бубрежната функција и хипертензија. Тие пациентки треба и понатаму да останат под контрола на нефролог.
Секое поглавје на книгата почнува со презентација на случај со кој се сретналa авторката во реалната клиничка практика. Книгата почнува со она што се очекува во нормална бременост, во врска со физиолошките промени на бубрегот, и очекуваните лабораториски резултати во бременоста. Нормалните лабораториски наоди се многу изменети во споредба кога нема бременост, а тоа често создава забуна кај пациентките и кај лекарите.
Во книгата е застапено и поглавје за очекуваните наоди на бубрегот при одредени дијагностички постапки. Вклучена е и опсежна табела со лекови што се дозволени или не во текот на бременоста. Во натамошните делови на книгата се опфатени патолошки состојби поврзани со бременоста и бубрегот, како што се акутно бубрежно оштетување и хронична бубрежна болест, системски болести, висок крвен притисок, уринарни инфекции. Вклучени се и дијабетичната бубрежна болест, гломерулонефритиси и неколку други вродени бубрежни заболувања со специфики за бременоста. Покрај приказот на случај и краткото дефинирање на состојбите, за секоја опишана состојба се вклучени табели или алгоритми, засновани на клинички упатства, за водење на состојбата. За поважните клинички состојби е вклучен и приказ на исходот од бременостите.