Шведската влада го одобри новиот план на компанијата СКБ за управување со нуклеарно гориво и отпад, кој вклучува изградба на постројка за складирање искористено и високорадиоактивно нуклеарно гориво на безбеден начин во следните 100.000 години.
Планот е исклучително важен затоа што нуклеарната енергија е моќен облик на енергија што овозможува производство на чиста енергија, меѓутоа создадениот отпад е опасен, кој често е причина зошто нуклеарната енергија сѐ уште не е популарна. Се проценува дека има околу 370.000 тони потрошено нуклеарно гориво во објектите за привремено складирање низ целиот свет, а сега шведската влада одобри план со кој СКБ може безбедно да складира радиоактивен отпад во следните 100.000 години.
Ова е историска одлука што ѝ овозможува на компанијата да го отстранува нуклеарниот отпад создаден од нашите генерации. Одлуката беше поздравена со раширени раце и сега имаме намера да го спроведеме најголемиот шведски проект за заштита на животната средина – рече извршниот директор на СКБ, Јохан Дашт.
Овој амбициозен проект се развива веќе 40 години, а на него соработуваат експерти од универзитети, истражувачки институти и високообразовни институции од Шведска и светот. Исто така, проектот беше детално анализиран од Шведската агенција за радијациска безбедност, како и од Судот за земјиште и животна средина, за да се гарантира безбедноста на човекот и неговата околина.

Покрај тоа, новиот проект вклучува изградба на фабрика и отворање на 1.500 нови работни места. СКБ сега чека да заврши процесот на лиценцирање, за да ги добие сите потребни дозволи. По тој процес ќе бидат потребни десет години за да се изгради фабриката. Иако Швеѓаните гласаа за напуштање на нуклеарната енергија уште во 1980 година, нивниот став очигледно се промени и нуклеарната енергија сега се смета за клучен чекор за ставање крај на зависноста од фосилните горива.