Песни што ме тераат да играм

Едно време имаше таканаречени црно-бели тeлевизори или телевизори што даваа слика само во тие две бои. Тие беа ретки и многу тешко се доаѓаше до нив, тој што имаше ТВ беше неприкосновен во маалото. Во цело Влае, маало (еден дел од Влае на самата граница со Ѓорче) од 40 семејства, само едно семејство имаше телевизор. И речиси сите одевме да го гледаме тоа чудо. А тој, една кафена кабеста светкава кутија, со задолжителната гондола на навивање (украс од Венеција) поставена на плетено милје над него и саксија со цвеќе. Со него управуваше домаќинот на куќата и никој, ама апсолутно никој друг не смееше да му се приближи, а камоли да го допре. Сигурносната далечина на публиката беше околу два метра. И на него се гледаа филмови (партизански и каубојски), вести, фудбал, спорт, музика, говорите на најголемиот син, конгресите, забавни емисии, цртани… Ние децата од маало ќе се наместевме едно до друго, некои триесетина деца од Влае Маало, и гледавме цртани. Во зима скриени под црвени јамболии, покриени преку глава, само очите љубопитно ни ѕиркаа, смеејќи се на лудориите на Плутон, Шиљо, Мики, Пајо… Какво заедништво беше тоа, сите живеевме како едно семејство, едно маало, од слична социјална структура, една улица, една топка, еден телевизор. Но освен цртаните, многу ги гледавме и емисиите каде што настапуваа „Седум млади“. Во тоа време тие беа прекрасни висококвалитетни музички – шоу-програми што ги водеа тие – легендите. А „Седум млади“ беа приказна за себе. Свиреа и пееја сѐ и сешто, почнувајќи од она основното поради кое и настанаа – џезот, преку госпел-соул, каубојски песни, поп-рок, народна музика, сѐ што постоеше во тој момент тие можеа да отсвират и испеат, и тоа подобро дури и од оригиналите, неверојатно светилиште на талентирани музичари. Можеби најуиграната, но и најпотценетата група на тие југословенски простори. Штета што не направија поголема заслужена меѓународна кариера, вака останаа само локални херои. Издадоа десетина албуми и многу синглови. Легендарни се нивните изведби на „Још не свиќе рујна зора“, „Кофа је бушна“, „Емина“, „Мустафа“, „Па, кажу Цига луд“, „Жиголо“, „Jericho“, „Пољуби ме на киши“, „На Дивљем Западу“, „И мама и тата“, „Осам тамбураша“, „Swing low, Swing chariot“.

Многу песни посветени на најмладите… прекрасна колекција на музика што остава неброено многу сеќавања, но буди и скриени емоции. Од целата таа неверојатна екипа „Седум млади“, на децата од Влае Маало најмногу ни се допаѓаше кога ќе се појавеше Јова. Јова беше тој со носот, тој правеше фаци, пееше, играше, свиреше, и тоа многу добро кларинет, вистински шоумен, но се чувствуваше и некаква блискот помеѓу децата и него – југословенскиот Дени Кеј. Едноставно, ние децата го копиравме секој негов чекор на сцената, се однесувавме како него. Всушност, за него отсекогаш мислев дека е како Петар Пан, како некој што однадвор има кожа на возрасен, а длабоко во себе е едно големо дете, кое до крајот на животот ќе биде опкружено со деца, со кои ќе игра ден и ноќ. Сакавме да бидеме како него (јас сѐ уште сакам), да се однесуваме како деца, како него, херојот на мојата и на нашата прекрасна рана младост. Но замислете сега, во оваа возраст, да се однесуваме како деца, да излеземе и да шлапкаме по водите, да им ѕвониме на соседите и да бегаме, да се криеме. Нели, во овој денешен свет, тоа би било друштвено неприфатливо, би биле жигосани како некои фрикови. Но што ако воведеме еден ден во годината да биде денот на детството на нас возрасните. Тоа да ни биде издувен вентил. Па, сите заедно да се собереме во парк, да трчаме, да играме џамлии, долга магарица, хулахоп, мижитатара на топка, збирам-збираш, па да се шлапаме во водите од блиското езерце, водата од Вардар или од дождот, кој само што почнал појако да паѓа, да се шлапаме со кал, да ѕвониме на вратите на соседите и да бегаме, да крадеме овошје по дворовите, да ги влече ме девојчињата по нивните кики-фризури, едноставно тој ден да бидеме она што сме длабоко во себе, да бидеме деца. И најдобро би било тој ден да не е ни топло ни ладно, некаде кога летото полека е заменето од есента, кога има не толку ладни дождови и сув ветар, кога лисјата полека срамежливо се простуваат од животот што го имале таа сезона, некаде каде што ќе си бидеме свои, некаде каде што ние возрасните ќе се гледаме меѓу нас со нашите продорни очи, насмени, светли, радосни, блескави, баш како кога бевме деца. И тој ден нека биде на пример 16 септември, а во заднината нека свири музика од „Седум млади“, која ќе ја перципираме ние возрасните на истиот начин како кога бевме мали деца, скриени во скутот на дедо, најадени од прекрасните јадења на баба, заштитени од саканата мама и сето тоа под будното око на тато.

Љупчо Давчев