Речиси половина од животинските видови во целиот свет моментално минуваат низ фаза на намалување на големината на популацијата, според новата студија.
Студијата, објавена неодамна, ги испитува промените во густината на популацијата на повеќе од 70.000 вида животни од целиот свет, што ја прави најсеопфатната студија од овој вид досега.
Истражувачите од Кралскиот универзитет во Белфаст рекоа дека наодите се „драстично предупредување“ бидејќи глобалната загуба на биодиверзитетот предизвикана од човечката индустријализација е многу поалармантна отколку што се мислеше. Тие открија дека 48 проценти од видовите на Земјата моментално доживуваат опаѓање на големината на популацијата, додека големината на популацијата се зголемува кај помалку од три проценти од видовите.
Степенот на истребување на видовите традиционално се мери со категориите на загрозени видови на Меѓународната унија за зачувување на природата (ИУЦН), според кои, на 28 отсто од животот на Земјата во моментов му се заканува исчезнување. Меѓутоа, новото истражување користеше глобална анализа на различна мерка на ризик од истребување, наречена „популациски трендови“.
Научниците открија дека кризата со истребување е многу посериозна отколку што покажуваат традиционалните мерки засновани на категориите на закани. Тие исто така открија дека 33 проценти од видовите што моментално се сметаат за „безбедни“ според категориите за зачувување на ИУЦН, всушност се намалуваат и се изложени на зголемен ризик од исчезнување.
Во меѓувреме, анализата покажува дека недостигот од видови со растечка популација покажува дека другите видови не се развиваат за да им го заземат местото на изумрените видови во екосистемот.
– Овој нов метод на проучување и анализа на глобално ниво дава појасна слика за вистинскиот степен на ерозија на глобалната биолошка разновидност што традиционалните пристапи не можат да ја обезбедат – вели д-р Даниел Пинчеира-Доносо, виш предавач по еволутивна биологија и макроекологија на Кралскиот универзитет во Белфаст.
Водечкиот автор на студијата, Кетрин Финм, вели дека нивната работа е драстично предупредување за сегашната големина на оваа криза, која веќе има катастрофални ефекти врз стабилноста на природата во целина и врз здравјето и благосостојбата на луѓето.
– Речиси половина од животните на Земјата за кои се достапни процени моментално се намалуваат. Работите да бидат уште полоши, многу животински видови за кои се смета дека не се во опасност од исчезнување, всушност се во прогресивен пад – додава Фин.
Глобалното губење на биолошката разновидност се смета за еден од најсериозните предизвици за човештвото во наредните децении, кој влијае на функционирањето на екосистемите, производството на храна, ширењето на болестите и стабилноста на глобалната економија.