Европската агенција за лекови (ЕМА) не е задоволна од планот што го разгледува градот Амстердам за формирање нов „еротски центар“ во близината на нејзиното седиште, соопшти регулаторното тело за лекови.
Амстердам со години размислуваше да ја премести легалната проституција подалеку од својот историски кварт на црвените светла, а во февруари објави три можни локации. Две се во близината на новата зграда на ЕМА, која се наоѓа недалеку од големите хотели и финансиската област на градот.
ЕМА го пресели своето седиште во Амстердам во 2019 година, напуштајќи го Лондон откако Велика Британија ја напушти Европската Унија.
Во соопштението, агенцијата вели дека е многу загрижена за плановите за центарот, кој се очекува да вклучува околу 100 „работни простории“ за сексуалните работници, како и барови и забава.
– Преместувањето на квартот на црвените светла беше мотивирано од загриженоста поради непријатност, трговија со дрога и пијанство. Лоцирањето еротски центар во непосредна близина на зградата на ЕМА, веројатно, ќе ги донесе истите негативни влијанија врз соседната област – соопшти ЕМА.
Од агенцијата велат дека се загрижени за безбедноста на нивниот персонал и посетителите и истакнуваат дека имаат договор со холандската влада, кој гарантира „безбедност и мир“ во нејзините канцеларии.
Проституцијата во Холандија е легална од 2000 година, а пред тоа со децении се толерирала во квартот на црвените светла. Но квартот се менува во последните години бидејќи жителите се жалат на прекумерен туризам. Во февруари, градот објави план за забрана за пушење канабис во областа.