Професор од Универзитетот во Јужна Флорида има намера да живее 100 дена под вода и да се обиде да го собори светскиот рекорд. Сегашниот рекорд за време поминато под површината на водата е 73 дена, а професорот Дитури има намера да го надмине. Неговата цел е поврзана со науката, бидејќи сака да утврди како реагира човечкото тело на долготрајно изложување на екстремен притисок. За тоа професорот ќе престојува во живеалиште од 9,3 метри, на длабочина од девет метри, во Ки Ларго, Флорида.
Тој постојано ќе биде надгледуван од лекарска екипа, која ќе известува за здравствената состојба на 55-годишниот професор со правење низа тестови. Дитури ќе биде подложен на психосоцијални, психолошки и медицински тестови, вклучувајќи крв, ултразвук и електрокардиограм, како и тестови за матични клетки.
-Човечкото тело никогаш не било толку долго под вода, па затоа ќе бидам внимателно следен. Ова истражување ќе ги испита сите начини на кои ова патување влијае на моето тело, но мојата нулта хипотеза е дека ќе има подобрување на моето здравје поради зголемениот притисок – вели професорот.
Дитури ја заснова својата теорија на заклучоците од студијата во која клетките изложени на зголемен притисок се удвоиле за пет дена. Тоа сугерира дека зголемениот притисок може да им помогне на луѓето да ја продолжат својата долговечност и да ги спречат болестите поврзани со стареењето.
Тој претходно служел во американската морнарица 28 години како нуркачки офицер. Откако се пензионирал во 2012 година, тој го продолжил своето образование на споменатиот универзитет за да се стекне со докторат и да научи повеќе за трауматските повреди на мозокот.
– Многу мои браќа и сестри во морнарицата претрпеа повреди на мозокот и сакав да научам како да им помогнам. Знаев дека хипербаричниот притисок може да го зголеми церебралниот проток на крв и претпоставив дека може да се користи за лекување трауматски повреди на мозокот. Претпоставувам дека примената на познатите механизми на дејствување на хипербаричната медицина може да се искористи за лекување широк спектар болести – вели Дитури.
За време на својата мисија, професорот ќе тестира нови технологии како алатка за вештачка интелигенција развиена од колега, која може да го скенира човечкото тело за болести и да утврди дали се потребни лекови.
– Сѐ што ни е потребно за да преживееме е тука, на планетата. Верувам дека лекот за многу болести може да се најде во неоткриени организми во океанот. За да ги откриеме, треба да направиме повеќе истражувања – заклучува Дитури.