Фото: Маја Јаневска - Илиева

Заврши уште еден успешен семинар од проектот „Едукон“ (EduCon), поддржан од Хедли Траст (Headley Trust) од Кралството на Велика Британија и Фондот на холокаустот, кој се одржуваше во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

Викенд семинарот (25 и 26 март) беше со наслов „Музеј по мерка на публиката“ на кој своето знаење и искуство го пренесе Ива Валидзија вработена во Музејскиот центар за документација од Загреб.

На семинарските сесии се зборуваше за добрите практики во музеите:

– Постојана поставка (подготовки, истражување и креирање на концептуален предлог)

– Интервенции во постојаната поставка на музејот

– Современата уметност во постојаните поставки на музејот

– Донации за градот Загреб и нивна презентација преку музеите во Загреб

– Претставување на музејот преку социјалните мрежи и музејска соработка на заедничка веб-платформа

Учесниците беа инфромирани за работата на Центарот за музејска документација, кој е централно место за сите информации за музеите во Хрватска, а имаа можност да го посетат и Музејот на Современа уметност каде кустосот водич Бојана Јанева ја претстави изложбата на дела од Петар Лубарда и групната изложба „Пејзаж на вознемиреност“.

На крај од семинарот учесниците разменија искуства кои на сите ќе им користат и добија сертификати.

Целта на проектот е да се зголеми посетеноста во музеите, за повеќе категории посетители, преку десет обуки и семинари, за музејските професионалци од музеите во Скопје.

До сега беа реализирани 8 семинари на различни теми од областа на музејската едукација, маркетинг во музеите, конзервација, пристапност и инклузија во музеите, интерпретација, развој на публика и др. во соработка со искусни предавачи од Балканот.

Следниот ЕДУКОН семинар е закажан за 8 и 9 април.

Ива Валидзија дипломирала историја на уметност и руски студии на Филозофскиот факултет во Загреб. Од 2005 до 2008 година работи како кустос на основањето и создавањето на постојаната поставка на Музејот на град Преграда.

Од 2009 година е вработена во Музејскиот центар за документација, каде што врши стручни музејски задачи (музејско законодавство, едукација за музејски бази на податоци, лична архива на заслужни музејски работници, теренско собирање на информации за музејските збирки).

Учествувала во евакуација на материјали од погодените подрачја на Цвелферија од поплавите во 2014 година. Како дел од програмата RE-ORG на ICCROM, таа учествуваше во реорганизацијата на депоата на Етнографскиот музеј во Загреб (2017 година). По земјотресот во Банија, таа учествуваше во евакуацијата на галеријата Крсто Хегедушиќ од Петриње.

Ива Валидзија има големо искуство во домашни и меѓународни обуки, конференции и семинари во живо и онлајн.

Менаџер на проектот „Едукон“ е д-р Ирена Ружин, а координатор м-р Жаклина Мучева.