Западните обвинувања за шпионирање од ТикТок, Кина ги отфрла како неосновани / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Западните влади сè поотворено ја критикуваат социјалната платформа Тикток и преземаат чекори за ограничување на нејзината употреба. Кинеската апликација – обожавана од тинејџерите низ светот – сега е изложена на критики дека овозможува шпионирање, не ги заштитува личните податоци и ги расипува младите генерации, анализира „Политико“

Кинеската социјална мрежа што им е трн во окото на западните влади

Владите во САД, Обединетото Кралство, Канада, Нов Зеланд и низ Европа во последниве неколку месеци носеа одлуки за забрана на Тикток на службените телефони на државните службеници. Одредени конзервативни американски претставници предлагаат и построги ограничувања. Белата куќа побара од кинеската матична компанија „Бајтденс“ да им го продаде Тикток на американски акционери и ѝ беше упатена закана дека ако не го стори тоа, апликацијата ќе биде целосно забранета во САД.
Меѓутоа, дали се оправдани ваквите критики? Официјалните лица од областа на безбедноста не објаснуваат многу за причините поради кои се против Тикток. Објаснувањето се крие можеби во чувствителноста на прашањето за националната безбедност или едноставно е знак дека станува збор само за празни приказни, без основа.
Главниот извршен директор на Тикток, Шу Зи Чу, минатата недела одговараше на прашањата на американските конгресмени поврзани со оваа проблематика.

Главни критики што се упатуваат до Тикток: Пристап на Кина до податоците

Можеби најголема загриженост создава потенцијалниот пристап на кинеската влада до податоците на милиони корисници на оваа мрежа. Официјални безбедносни претставници од Западот предупредуваат дека кинеската матична компанија на Тикток, чие име е „Бајтденс“, „подлежи на кинеските закони за национална безбедност, особено на оној од 2017 година, кој им налага на кинеските компании да ја поддржуваат, да ѝ помагаат и да соработуваат со државната разузнавачка заедница“! Тие истакнуваат дека токму тој закон им дава „одврзани раце на кинеските разузнавачки агенции“.
– Податоците на корисниците на Тикток може да се користат и од стотици кинески инженери и службеници на апликацијата, од кои е можно некои да работат за владата – велат западните официјални лица.
Европските институции минатиот месец им забранија на своите вработени да имаат Тикток на своите службени телефони. Интересно е што истражувачите на „Политико“ добиле на увид интерно електронско писмо, испратено до вработените во Европскиот супервизор за заштита на податоци, во кое се објаснува дека ова е заради намалување на изложеноста на Комисијата на сајбер-напади, бидејќи оваа апликација собира огромен број податоци за мобилните уреди, кои би можеле да бидат искористени за напад врз Комисијата.
Ирската комисија за заштита на податоци, која е главен регулатор во ЕУ за оваа проблематика, во текот на наредниве месеци би требало да одлучи дали Тикток незаконски префрлал во Кина податоци од европски корисници. Оние што се скептични во однос на безбедносните обвиненија истакнуваат дека кинеската влада едноставно би можела да купи големи количества кориснички податоци од слабо регулираните посредници. Наедно, тие потсетуваат дека и американските социјални медиуми како Твитер имале проблеми со заштитата на корисничките податоци од љубопитните очи на странските влади.
Од друга страна, во повеќе наврати во јавноста Тикток тврди дека „никогаш не доставил податоци до кинеската влада и дека доколку тоа биде побарано од него, тој ќе го одбие барањето“!
Понатаму од Тикток тврдат дека кинеската матична компанија на Тикток, „Бајтденс“ е регистрирана на Кајманските Острови, со што е заштитена од законски обврски за помош на кинеските агенции. Дваесет отсто од акциите на „Бајтденс“ се во рацете на нејзините основачи и кинески инвеститори, шеесет отсто се во сопственост на глобални инвеститори, а дваесет отсто држат самите вработени. Компанијата објави два плана за заштита на податоците. Во САД, тоа е проектот „Тексас“, чија вредност е 1,5 милијарда американски долари и претставува план за изградба на ѕид помеѓу американската подружница и нејзините кинески сопственици.
Европската верзија, проектот „Детелина“, чини 1,2 милијарда долари и негова задача ќе биде префрлање на повеќето европски податоци од Тикток на серверите низ Европа. Сепак, главниот европски лобист на Тикток, Тео Бертрам, во март изјави дека во практика ќе биде исклучително тешко комплетно да се запре преносот на европски податоци во Кина.

Втората главна критика од Западот кон Тикток е дека мрежата претставува „влезна врата за разузнавачи“

Западни официјални лица велат дека доколку кинеските агенции не можат легално да пристапат до Тикток, тие можат да влезат низ „задната врата“. Кинеските сајбер-шпиони спаѓаат меѓу најдобрите во светот, а работата им се олеснува ако базите на податоци и дигиталната инфраструктура се наоѓаат на нивна територија.
Холандските разузнавачки агенции ги советуваат владините службеници да ги избришат апликациите од земјите што водат навредливи кибернетички програми против Холандија, вклучувајќи ја и Кина, но и Русија, Иран и Северна Кореја.
Критичарите на аргументот што се темели врз кибернетичката шпионажа потсетуваат на истражувањето на Граѓанската лабораторија при Универзитетот во Торонто (2021), кое излегло со податоци дека оваа апликација не покажува отворено малициозно однесување, какво што би се очекувало од една шпионска апликација. Меѓутоа, директорот на лабораторијата рече дека истражувачите немале информации за тоа што се случува со податоците од Тикток што се чуваат во Кина.
Проектите на Тикток – „Тексас“ и „Детелина“ – во себе вклучуваат чекори за ублажување на стравовите од кибернетичка шпионажа, како и за легален пристап до податоците.
Планот за ЕУ би му дал на европскиот безбедносен орган (кој допрва треба да се востанови) овластување за проверка на политиките што се однесуваат на кибернетичката безбедност и контрола на податоци, а наедно и би им го ограничил пристапот на одредени службеници. Бертрам рече дека оваа агенција би можела да комуницира со европските безбедносни агенции и регулатори без мешање од Тикток, со цел да се уверат дека ништо не е скриено.
Исто така, Бертрам рече дека компанијата планира да вработи уште поголем број инженери надвор од Кина.

Опасност за САД, каде што граѓаните на федерално ниво немаат заштитени општи права на приватност

Критичарите на Тикток ја обвинуваат оваа апликација дека масовно собира податоци, особено во САД, каде што граѓаните на федерално ниво немаат заштитени општи права на приватност. Во подрачјата што имаат строги закони за заштита на приватноста, Тикток е соочен со чести обвиненија за нивно непочитување.
Компанијата е предмет на истражување во Ирска, Обединетото Кралство и Канада поради начинот на кој ги обработува податоците на малолетните корисници. Регулаторите во Холандија, Италија и Франција исто така ја истражуваат нејзината оператива кога станува збор за заштитата на правото на приватност во врска со персонализираните објави, како и поради фактот што на децата не им го ограничува пристапот до својата платформа.
Тикток ги отфрли обвиненијата изнесени во некои извештаи, тврдејќи дека американските технолошки компании собираат еднакво голем број податоци. Мета, Амазон и други добија големи казни поради прекршување на правото на приватност кај европските граѓани.

Најсериозното обвинение кон Тикток: Психолошки операции

Во анализата на „Политико“ се издвојува можеби најсериозното обвинение, кое сè почесто се истакнува од Западот , а тоа е она што се однесува на тврдењето дека Тикток е дел од генералната кинеска културна борба против Западот. Неговата улога е ширење дезинформации и бесмислени содржини меѓу западната младина, како и сеење поделби и апатија.
Овој месец директорот на американската Агенција за национална безбедност (НСА), Пол Накасоне, предупреди дека кинеската контрола врз алгоритамот на Тикток може да ѝ овозможи на владата во Пекинг да спроведува операции за ширење на влијанието врз западната популација. Имено, Тикток тврди дека има околу 300 милиони активни корисници во Европа и САД, а според последните податоци, оваа апликација во 2022 година била најсимнуваната на интернет.
Во 2019 година се појавија извештаи што сугерираа на поврзаноста на видеата од Тикток со настаните од пекиншкиот плоштад „Тјенанмен“. Исто така, „Бајтденс“ беше обвинет дека објавува снимки со бесмислена содржина, со цел да ги „отапува“ со нив децата од Западот, за разлика од корисната едукативна содржина што се нуди на неговата кинеска апликација Доуин.
Покрај обвиненијата за намерни операции за ширење на своето влијание, Тикток го критикуваат и за тоа што не ги заштитува децата од создавање зависност од својата апликација, од опасни вирусни предизвици, како и од дезинформации.
Минатата недела францускиот регулатор излезе со соопштение дека апликацијата е сè уште во рана фаза на содржинска контрола. Неодамна, пак, во италијанското седиште на Тикток влезе регулатор за заштита на податоци (со асистенција од италијанската полиција), за да истражи на кој начин компанијата ги штити децата од вирални предизвици.
Истражувачите на Граѓанската лабораторија рекоа дека Тикток не спроведува отворена цензура. Другите критичари на овој аргумент истакнаа дека странските влади манипулираат и со западните платформи, како што беше случајот со руската кампања на Фејсбук, преку која имаше обиди да се влијае врз американските избори од 2016 година.
Од друга страна, од Тикток тврдат дека од 2019 година досега, апликацијата ја приспособила контролата врз содржините и дека редовно објавува транспарентни извештаи за она што било отстрането. Притоа, компанијата се пофали и со првиот центар за транспарентност, кој го отвори во јули 2020 во САД, како и со вториот, отворен во Ирска во 2022 година. Наедно, компанијата истакнува и дека ќе ги почитува новите правила на ЕУ што се однесуваат на контрола на содржините. Р.Н.М.