Го означуваме стартот на нашиот музички проект „Македонијо во срце те носиме“, што содржи 12 преработки на едни од најубавите македонски патриотски песни, што ќе ги отпејат 12 изведувачи. Желбата ни беше да ја прегрнеме Македонија со најубавите звуци и да го зачуваме највредното, музичкиот аманет кој ни го оставиле генерации пред нас.
Во овие турбуленти времиња кога не негираат како народ, го негираат нашиот јазик и идентитет, сакаме да покажеме дека имаме свое минато. Целта е да заживеат убавите патриотски песни, посебно меѓу младите, рече Бојана Скендеровска на денешната промоција
Музичкиот проект „Македонијо во срце те носиме“ што содржи 12 македонски патриотски песни, што ќе ги исполнат 12 изведувачи, сите со нови современи аражмани, со потписот на познатиот музичар и композитор Николче Мицевски, денеска и беше претставен на јавноста.
На прес конференцијата за проектот говореше популарната пејачка Бојана, а зошто се дел од него ни кажаа неколкумина пејачи од различни генерации.
– Го означуваме стартот на нашиот музички проект „Македонијо во срце те носиме“, што содржи 12 преработки на едни од најубавите македонски патриотски песни, што ќе ги отпејат 12 изведувачи. Желбата ни беше да ја прегрнеме Македонија со најубавите звуци и да го зачуваме највредното, музичкиот аманет кој ни го оставиле генерации пред нас.
Во овие турбуленти времиња кога не негираат како народ, го негираат нашиот јазик и идентитет, сакаме да покажеме дека имаме свое минато. Целта е да заживеат убавците патриотски песни, посебно меѓу малдите. Проектот „Македонијо во срце те носиме“ во мене тлееше многу одамна. Сакам да ги пеам патриотксите песни и еден ден дојдов на идеја тоа да го направам со колегите од македонската забавна и фолк естрада: освен мене, тука се Сузана Спасовска, Наум Петревски, Зуица Лазова, Миел Кузмановски, „ДНК“, Огнен Здравковски, Александар Тарабунов, Андријана Јаневска, Мина Блажев, Марија Спасовска и Ламбе Алабаковски. Дел до песните што се преработуваат и се во фаза на снимање се: „Налеј, налеј“, „Заветна“, „Земјо македонска“, „Народе македонски“, „Послушајте патриоти“, „Ој Вардаре македонски“ и други. Овие бисери ги испеале доајените на македонската народна музика, нивните изведби се ненадминливи и не се ни трудевме тоа да го сториме, туку сакавме да дадеме свој печат и да ги приближиме до младите генерации – рече Бојана Скендеровска.
Таа дополни дека македонскиот народ низ песните ја раскажува својата историја со векови.
– Целта ни е да обединуваме, а не да разединуваме, а Македонците секогаш ги соединувала музиката. Николче Мицевски даде особен придонес за реализацијата на овој проект и го прифати предизвикот да напише нови аранжмани за познатите народни песни.
Секоја нумера во наредниот период ќе се најавува со видео запис, а крајната цел е одржување на осум концерти низ Македонија во септември и во октомври – изјави Бојана.
Николче Мицевски, со обработката на родољубиви народни песни што ги отпеа дуетот „Некст тајм“ даде поттик за други вакви музички проекти.
– Секое време си носи свој белег, па овојпат песните ќе бидат со нов призвук, изведба, но нема да се менуваат текстот и мелодијата. Освен привилегија, овој ангажман за мене е и голема одговорност. Им благодрам на сите автори што ги создале песните, оние што се знаат и народните творци, кои не обврзаа да ја продолжиме традицијата и да и ја пренесеме на младата генерација. Младите ќе ги научат овие мелодии, па и тие ќе им ги пренесат на оние по нив. Наскоро ќе ги претставиме песните, една по една и се надевам на крајот сите ќе се гордееме со направеното – изјави Николче Мицевски.
Миле Кузмановски, кој присуствуваше на промоцијата посочи дека идејата е прекрасна и според него на овој начин повторено ќе се актулеизираат убавите македонски патриотски рефрени.
– Им се радувам и на осумте најавени концерти низ Македонија, а последниот и најголем ќе биде во Скопје. Мене лично ми се допаднаа новите аражмани на Николче Мицевски и мислам дека тоа е добар начин песните да им се доближат на младите – вели Миле Кузмановски.
На младиот пејач Огнен Здравковски, кој потекнува од музичко семејство му претставува чест што е дел од овој проект, што соработува со поискусните колеги и без двоумење ја прифатил поканата.
– Патриотски песни сум слушал од пелени, тоа ми е во крвта и драго ми е што преку „Македонијо во срце те носиме“ ќе допреме до нова млада, публика – рече тој.
Меѓу учесниците е и Марија Спасовска, наша неодамнешна претставничка на „Детскиот евросонг“.
– Бидјеќи сум малолетна, најпрво се консултирав со родителите пред да ја прифатам поканата и драго ми е што ќе ја пеам песната „Ој Вардаре македонски“, ососбено затоа што играв ракомет четири години за клубот „Вардар“ – вели Марија.
За Зуица Лазова, ова е вистинскиот правец во кој треба да се движи македонската народна песна, облечена во ново руво, а тоа, според неа, најубаво го прави Николче Мицевски.
– Драго ми е што соработувам со колегите, особено со помладите, а ова искуство само ќе ги воздигне на патот кон ѕвездите. Благодарам на довербата, а јас ќе дадам се од себе – изјави Зуица Лазова.
На крајот Бојата најави дека првата песна што наскоро ќе биде промовирана со спот е „Оган да го гори“, што ќе ја испее Ламбе Алабаковски.
– На секои десетина дена ќе промовираме по една песна и се надевам дека целото лето ќе биде во знакот на проектот „Македонијо во срце те носиме“ – порача Бојана Скендеровска. М.Т.
Фото: Продукција „Скендеровски“