„Божиќната магија на животните“ претставува креативен проект зад кој стојат шест жени режисери од различни земји. Филмот има уникатен визуелен стил доловен преку 2-Д дигитална анимација инспирирана од традиционални техники
Волшебни приказни оживуваат во новиот анимиран филм „Божиќната магија на животните“, кој ќе ги донесе празничната радост и топлина на големото платно од денеска во кината низ земјава. Со своите пет прекрасни приказни, филмот ќе ве одведе на патување од Франција до Јапонија и до далечниот север, под поларната светлина. Овие модерни и трогателни сказни, во кои животните се носители на авантури и великодушност, носат пораки за радост, љубов и заедништво.
Филмот ќе биде прикажуван во киното „Милениум“ од денеска до 18 декември, во работни денови со почеток од 13 часот и за викенд од 11 часот. Дополнително, денеска филмот ќе има премиера во домот на културата „Злетовски рудар“ – Пробиштип и во домот на култура „Бранд Петрушев“ – Богданци. Утре филмот ќе има проекција во НУ Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, од каде што продолжува да се прикажува во киното „Манаки“ и во „Киноверзум“ во Скопје, Велес и во Штип.
„Божиќната магија на животните“ претставува креативен проект зад кој стојат шест жени режисери од различни земји. Филмот има уникатен визуелен стил доловен преку 2-Д дигитална анимација инспирирана од традиционални техники. Ова е прв анимиран филм за млада публика поддржан од „Арте“ во Франција. Филмот премиерно беше прикажан на Фестивалот во Анеси во 2024 година, во официјалната селекција. Со своите универзални пораки, „Божиќната магија на животните“ е совршен избор за деца од три до седум години, но и за нивните постари браќа, сестри, родители и баби и дедовци.
Дистрибутер на филмот е „Катавеј“ од Скопје, со поддршка од програмата МЕДИА на Европската Унија.