Фото: Пиксабеј

Ретко која директива на ЕУ толку ги изнервирала луѓето како онаа дека отсега пластичните шишиња и капачињата треба да бидат неразделни. Целта е да се намали пластичниот отпад со фрлање на капачињата и да се заштити животната средина. Оваа директива на Европската Унија имаше тригодишен преоден рок за имплементирање, кој веќе помина и отсега ваквите капачиња ќе бидат задолжителни.
Досега производителите доброволно ја спроведуваа оваа директива во пракса, некои веќе (постепено) се префрлија на новиот систем во нивниот производствен процес. Директивата почнува да важи од овој месец. Имено, сите пластични шишиња за еднократна употреба (со волумен до три литри) мора да имаат капачиња што се поврзани со шишето и се неразделни од него. Без разлика дали станува збор за вода, „кока-кола“, лимонада или млеко, овој пакет на мерки, кој Европската Унија го усвои во 2019 година, ќе треба да се применува. Целта е да се намали количеството на пластичен отпад.
Во Германија се наплаќа депозит практично за сите пластични шишиња за еднократна употреба, но машините за враќање на депозитот прифаќаат и шишиња што немаат капаче. Истражувањето на ЕУ покажа дека пластичните капачиња многу често завршуваат во природата, на пример, на плажите на Северно Море. Дали проблемот со пластичните капачиња е поизразен во Германија отколку во некои други европски земји? Тоа не е сосема јасно. Според професионалните здруженија, во Германија потрошувачите враќаат приближно десет проценти од шишињата што се без капачиња.
Уште пред усвојувањето на директивата на Европската Унија пред пет години можеа да се слушнат остри критики од производителите на пијалаци. Судејќи според резултатите од студијата, нарачана од Здружението на производители на минерална вода, употребата на капачиња закачени на шишињата дури ја зголемува потрошувачката на пластика во производствениот процес. Дополнително, преминот кон нови процеси во производниот синџир значително ја зголемува цената на тој процес, особено за средните компании.