Паркот на револуцијата во Тетово вчеравечер беше претсен да ги собере сите тетовчани кои сакаа да присуствуваат на концертот „Македонијо во срце те носиме“, шеста средба со публиката од предвидените осум во целата земја.
Во паркот се пееше од срце, во еден глас, со развиорени македонски знамиња.
И како што се доближува големото финале, што ќе се случи на празникот 11 Октомври, а претхопдно и кавадарчани со учесниците ќе ги пејат патриотските македонски рефрени, така интересот за овој вонсериски настан е се поголем.
И навистина љубовта кон татковината, храброста и городоста со секоја средба со распеаната публика низ градовите во Македонија е се поголема, а посетеноста се помасовна.
По Штип, Битола, Велес, Прилеп и Кочани, песните од проектот „Македонијо во срце те носиме“ вчеравечер се пееја и во Тетово. Според некои проценки токму тука имаше најбројна публика, а низ толпата гордо се вееја македонските знамиња.
Повторно ги слушнавме сите 12 песни од проектот, што аранжмански ги облече во ново, современо руво Николче Мицевски. Хорски, како и досега се пееја: „Заветна“, „Налеј, налеј“, „Народе македонски“, „Едно име имаме“, „Земјо македонска“, „Ој, Вардаре“, „Оган да го гори“, „Послушајте патриоти“, „Ми заплакало село Ваташа“… и овој пат беа отпеани од златните грла на Бојана Скендеровски, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Зуица Лазова, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Огнен Здравковски, Марија Спасовска, Мина Блажев, ДНК, Ламбе Алабаковски и Миле Кузмановски.
„Македонијо во срце те носиме“ е проект со потписот на „Скендеровски продукција“, а неговата цел е да им се продолжат овие родољубиви рефрени на младите генерации, со пораката дека треба да го чуваме она што го имаме, највредното – нашата татковина и нејзиното културно наследство. М.Т.