Научниците бараат итна интервенција во намалувањето на емисиите на метан во воздухот и неговото ширење за да се спречат поголема ескалација и продлабочување на климатската криза. Глобалните и широкораспространети емисии на метан, гас без боја и без мирис што со своите моќни својства ја загрева Земјата со вртоглава брзина во последните неколку децении, покажуваат колку е суштинска побрза и поитна интервенција во неговата превенција за да се запре и онака штетната и опасна ескалација на климатската криза, пишува „Гардијан“.
Истражувањата покажаа дека емисиите на метан носат половина од одговорноста за тековното глобално затоплување, а неговото зголемување е забележано од 2006 година и сè уште расте и ќе продолжи да расте во наредните години додека не се преземат неопходните мерки за запирање на понатамошното загадување. Ова истражување беше поддржано од над илјада научници во светот.
Метанот се произведува со дупчење и преработка на нафта, гас и јаглен со хидраулично кршење, во налетот на гасните проекти на овој век. Метанот природно се произведува за време на распаѓањето на органските материи со дејство на микроорганизми на места како што се мочуриштата, може да се најде и во калта од отпадните води и во цревата на животните и луѓето. Метанот се дистрибуира во големи количества преку добитокот.
Во 2021 година САД и ЕУ усвоија иницијатива за борба против метанот, со која се планира да се намалат емисиите на метан дури за 30 отсто до 2030 година. Оваа иницијатива е прифатена од 155 земји, но само 13 отсто од емисиите се покриени според сегашните упатства, а само 2 отсто од глобалните финансиски средства за климата се искористени за борба против емисиите на метан.
Додека јаглерод диоксидот може да остане во атмосферата стотици или дури илјадници години, метанот е многу помала закана во тој поглед. Доколку веднаш се запрат сите емисии на метан и се стават под контрола, 90 отсто од акумулираниот метан би ја напуштил атмосферата во рок од 30 години. Новото упатство го нагласува бројот на процедури што треба да ги спроведат државите, вклучувајќи ги најефективните начини и проекти за намалување и идентификување на јаглерод диоксидот и метанот во атмосферата, како и процедурите за спречување на нивното понатамошно ширење и штета.