Американската вселенска агенција НАСА достигна технолошка пресвртница, која еден ден би можела да игра важна улога во мисиите на Месечината и пошироко. НАСА откри дека системот за контрола на животната средина и поддршка на животот ЕЦЛСС на Меѓународната вселенска станица постигнал 98 проценти рециклирање на водата што ја носат астронаутите на МВС. Овој систем користи „напредни одвлажнувачи“ што ја „фаќаат“ влагата што се создава додека екипажот дише и се поти за време на своите секојдневни задачи.
Друг потсистем ја собира урината и произведува вода и солен раствор на урина што сè уште содржи H2О преку процес на дестилација. Агенцијата започна со тестирање нов уред што може да „вади вода“ од тој раствор, со што е постигнато обновување на водата од 98 проценти на Меѓународната вселенска станица во споредба со претходните 93-94 проценти.
Помислата дека астронаутите пијат урина во никој случај не е пријатна, но НАСА истакнува дека всушност станува збор за пивка, прочистена и филтрирана вода, која е почиста од онаа што ја пиеме на Земјата.
Системите како ЕЦЛСС ќе бидат клучни во иднина, бидејќи НАСА спроведува повеќе мисии надвор од орбитата на Земјата.
– Колку помалку вода и кислород имаме да испорачаме, толку повеќе научни компоненти можат да се вклопат во леталото. Сигурен, робустен регенеративен систем значи дека екипажот не мора да се грижи за тоа и може да се фокусира на вистинската намера на мисијата – рече Џил Вилијамсон, менаџерка на НАСА за потсистемите за вода ЕЦЛСС.