Црпењето на подземната вода и нејзината дистрибуција предизвикаа планетата Земја од 1993 до 2010 година да се навали за речиси 80 сантиметри на исток, менувајќи го својот ротациски пол, според новото истражување.
Со проучување на климатските модели, научниците процениле дека во споменатиот период се исцрпени 2.150 гигатони подземна вода, што е еквивалентно на покачување на нивото на морето за повеќе од шест милиметри.
Дистрибуцијата на водата на планетата влијае на распределбата на нејзината маса, што на крајот влијае на нејзината ротација.
– Ротацискиот пол на Земјата всушност многу се менува. Нашата студија покажува дека меѓу причините поврзани со климата, распределбата на подземните води има најголемо влијание врз поместувањето на ротацискиот пол – рече геофизичарот Ки-Веон Сео од Националниот универзитет во Сеул, кој го предводеше истражувањето.
Способноста на водата да ја менува ротацијата на Земјата е забележана во 2016 година, а дотогаш не беше истражено влијанието на подземните води врз ротацијата.
– Многу ми е драго што ги открив необјаснетите поместувања на половите на ротација. Од друга страна, како жител на Земјата и татко, загрижен сум и изненаден што видов дека екстракцијата на подземните води е уште една причина за зголемување на нивото на морето – изјави Ки-Веон.
Утврдено е дека најголемата прераспределба на водата била на северозапад од американскиот континент и северозападно од Индија. Ки-Веон истакна дека добиените податоци може да се искористат за истражување како водата се акумулирала под земја во текот на минатиот век.
Се тврди дека овие промени не претставуваат ризик за менување на годишните времиња, но дека влијаат на климата. Резултатите од истражувањето се објавени во научното списание „Џиофизикал рисрч летерс“, кое го издава Американското здружение на геофизичари, пишува „Џерусалем пост“.