Фото: Пиксабеј

НАСА објави фотографии од, како што вели, најмоќниот сончев блесок во последните шест години. Станува збор за огнен блесок на површината на Сонцето, кој предизвика краток прекин на радиокомуникациите на Земјата.
Фотографиите со светли бои од феноменот познат како коронални масовни исфрлања (CMEs) беа снимени од нејзината опсерваторија „Солар дајнамикс“, вселенско летало лансирано во 2010 година, кое континуирано ја следи сончевата активност.
Според НАСА, станува збор за блесок од класа Х со највисок интензитет, со потенцијал да влијае на радиокомуникациите и на електричните мрежи и да претставува ризик за вселенските летала и за астронаутите.
Енергијата од овој „огнен блесок“ предизвика околу два часа радиопречки во некои делови на САД и на други места во текот на денот. Центарот за предвидување на вселенското време на Националната атмосферска и океанска администрација го нарече неверојатен настан, веројатно еден од најголемите соларни радионастани што се снимени.
– Ова беше најсилниот сончев одблесок регистриран од 10 септември 2017 година и најмоќниот во тековниот соларен циклус на одредено растојание – соопшти центарот.
Повеќето сончеви блесоци од класата Х што ја погодија Земјата се оценети помеѓу еден и девет, а неодамнешниот настан беше класифициран како X8. Европската вселенска агенција соопшти дека најсилниот сончев блесок во историјата бил настанот X28 на 4 ноември 2003 година, пишува „Гардијан“.