На безбедноста при возење влијае и бојата на возилото, главно поради неговата видливост. Сепак, очигледно „опасните“ бои на автомобилите се најпопуларни во Европа
Многу фактори влијаат на безбедноста при возењето, а бојата на автомобилот е исто така важна за безбедноста на патиштата, покажуваат истражувањата.
Една од студиите спроведена од Центарот за истражување несреќи на австралискиот универзитет „Монаш“, покажа дека најбезбедните бои за автомобили се оние што повеќе се истакнуваат на патот при сите временски услови и на сите патишта.
Белата и жолтата се најбезбедни
Истражувањата покажаа дека најбезбедна боја за возило е белата. Видливоста на белото возило е подобра од другите при сите видови осветлување и во сите временски услови, покажа истражувањето. Истражувачите откриле дека шансата да се случи сообраќајна несреќа во бел автомобил е за 12 проценти помала отколку во црн.
Веднаш зад белата боја е жолтата кога станува збор за безбедноста на возилото. Жолтите автомобили лесно се забележуваат, така што во некои земји бојата на такси-возилата и на амбулантните возила е жолта. Од истата причина, жолтата боја е присутна и на сообраќајните знаци што предупредуваат на потенцијална опасност.
Следна е портокаловата, која се смета за безбедна бидејќи малку производители ја користат оваа боја. Затоа се издвојува на патот, односно поради својата „уникатност“. Други побезбедни бои се златната, крем бојата, бежот, а според истражувањето, автомобилите со посветли и живи бои, освен црвената, генерално се побезбедни.
Црвената и црната боја се меѓу најопасните
Најмалку безбедна боја на вагата е црната, главно затоа што е најтешко да се забележи ноќе. Следна е темносината, која најтешко се гледа во мракот, потоа сивата, сребрената и темноцрвената.
Можеби присуството на црвено на листата на најмалку безбедни бои за автомобили изгледа малку изненадувачки, бидејќи црвената отсекогаш се сметала за предупредувачка боја. Иако изгледа живо на сонце, тешко се гледа во темница. Човечкото око најлошо го перципира црвеното при слаба светлина.
Патем, речиси истите наоди како што покажа истражувањето на Центарот за истражување на несреќи на австралискиот универзитет „Монаш“ ги покажуваат и други истражувања од овој тип.
Металните нијанси можат да ги заслепуваат возачите што доаѓаат.
Кога станува збор за видливоста, мора да се земе предвид и околината. На пример, ако живеете во рурална област со многу дрвја и тревници, зелениот автомобил можеби нема да се истакне. Исто така, треба да се земе предвид дека металните нијанси полесно ја рефлектираат светлината и можат да ги заслепуваат возачите што доаѓаат. Овој ефект најмногу влијае на возачите во влажни, дождливи или обилни снежни области.
Во Европа најпопуларни се „опасните“ бои
Автомобилите обично се избираат според личните преференции. И ако ги погледнеме нашите патишта и патиштата во Европа, брзо можеме да забележиме дека црната, белата и сивата боја се најчестите бои на автомобилите.
Истражувањето што секоја година го спроведува производителот на бои „Аксалта“, исто така, покажа дека во 2022 година, сопствениците на возила во Европа најчесто избирале сива (27 проценти), црна (22 проценти) и бела (21 проценти), а потоа сина (11 проценти) и сребрена (9 проценти). Другите бои се претставени со пет проценти или помалку. Втората најбезбедна боја, жолтата, е застапена со само еден процент меѓу најпродаваните.
Инаку, Европа не се разликува премногу од остатокот од светот. На глобално ниво, белата е најпопуларна боја (34 отсто), потоа црната (21 отсто) и сивата (19 отсто).