На меѓународниот натпревар по пијано „Пијано клавиш“, кој ќе се одржи во Скопје на 14 декември, ќе се натпреваруваат повеќе од 80 учесници од Македонија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и од САД. Натпреварот ќе се одржи во КИЦ – „Салон 19:19“, со почеток во 9.30 часот. Скопје ќе биде домаќин и центар на талентите по пијано.
Ова е прв меѓународен натпревар посветен на пијаното во Скопје, во организација на здружението за промоција и развој на културата „Модорас“, Скопје, а уметнички директорки се Ема Попивода, професорка по пијано на Музичката академија во Штип, и Светлана Димитриевска, наставничка по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Скопје. Учесниците ќе се натпреваруваат во повеќе дисциплини, во соодветни категории. Натпреварувачите во категоријата онлајн предизвик ќе бидат оценувани од реномирана интернационална комисија составена од еминентни професори и пијанисти, етаблирани во музичкиот свет, и тоа: Драгомир Братиќ (Србија), Данијел Ото (Хрватска) и Илинка Манова (САД, Македонија). Комисијата за изведба во живо ја сочинуваат педагози и пијанисти со високи педагошки достигнувања: Ема Попивода, Светлана Димитриевска, Катерина Ќетковиќ Фидановска и Цури Колос.
Завршниот концерт на највисоко рангираните учесници на натпреварот и свеченото доделување на наградите се на 14 декември во КИЦ. Натпреварот е поддржан од Амбасадата на Јапонија и од Амбасадата на Австрија во земјава. По тој повод ќе бидат доделени и специјални дипломи за најдобра изведба на дело од јапонски композитор и најдобра изведба на дело од австриски композитор. Овие награди ќе ги доделат амбасадорите Казуја и Памер. Поддршка за македонската класична музика доаѓа и од семејството Цаневи, кои ќе доделат награда за најдобро изведено дело од македонскиот композитор Благој Цанев.