Фото: Култи Ватор

„Октомврискиот музички поход“ се одржа и годинава во рамките на годинешната манифестација „Бела ноќ 2024“ организирана од ЈУ Универзална сала и град Скопје, заедно со Здружението за културна мотивација „Култи ватор“ од Скопје како главен коорганизатор на истиот.

Истиот е поддржан и од Министерството за култура на Македонија како проект од национален интерес за 2024 година.

И годинешниот „Октомвриски музички поход“ им беше посветен на младите артисти и пред сѐ на младите музички групи и диџеи од Скопје.

На 05.10, сабота, со старт од 20 часот и бесплатен влез на сцената на популарниот клуб „Маракана“ во Градскиот Парк во Скопје настапија:

Солночиво (Скопје): Млад, нов и перспективен рок-бенд, кој доаѓа од Скопје, а на „Октомврискиот музички поход“ претставија дел од својот кавер, но и авторски материјал што го подготвуваат подолго време.

Како што велат и самите, преку музика испреплетена со попрок-елементи, тие ги пренесуваат своите приказни и хаотични чувства преку енергичен настап.

Преку ред – (Скопје): „Преку ред“ е рок-бенд од Скопје, кој содржи и доста глем-рок-поп моменти кои потсетуваат на звуците на познатите бендови од 70-тите и 80-тите години, како – Thin Lizzѕ, Motley Crue, Motorhead, Aerosmith, Guns N Roses и слични на нив.

Плакат

Формирани се во 2019. Членови се Антони Анев (вокалист), Христијан Тасевски (гитарист), Калин Маловски (басист) и Антонио Ѓорѓиевски (тапанар). Во првите две години од своето постоење бендот има настапувано на неколку средношколски свирки, а во октомври 2021, ја издава својата прва песна „Ќе те барам”, која е дел од првото ЕП на бендот, насловено „Преку ред”, и е издадено во ноември истата година. До овие моменти зад себе имаат веќе солидно искуство од настапи на фестивали и клубови низ земјата.

Димиш – (Скопје): Димиш е соло-проект, кој постои од 2019-та година. Младиот артист вели дека целта на овој проект е да помогне на што повеќе луѓе во тешки денови, бидејќи темите за коишто пишува се претежно социјални, од секојдневниот живот, за луѓето да се пронајдат во нив.

Тoј црпи инспирација од она што го гледа, слуша и чувствува секој ден, како и она што другите луѓе му го кажуваат. Неговата музика варира – од панк-рок, пост-панк, панк, гранџ до алтернативен рок. Досега младиот скопјанец има издадено шест сингла, една соработка, два инструментални албума, како и четири проширени изданија (ЕП).

Неговото петто проширено издание (ЕП) се вика 11.5: spero и излезе на 14-ти јули оваа година.

Димиш е активен на музичката сцена од 2016-та година. На почетокот свирел тапани во неговиот треш-метал бенд Conspiracy. Моментално тој е тапанар во бендот Red18.

Првиот настап како Димиш го имал на 28 август 2022 година на фестивалот „KickFlip“. Оттогаш, талентираниот артист има настапувано на многу места, заедно со Лука, Аце и Захар – дечките благодарение на кои настапите во живо звучат моќно и изгледаат енергично.

На годинешниот „Октомвриски музички поход“ – „Бела ноќ“ 2024 тој “прошара“ низ целиот свој опус заедно со својот бенд.

Дени Василевски ака Гето Руди е диџеј, кој повеќе од две децении учествува во клупскиот реге-даб- денсхол-рага живот во Скопје, но и во останатите градови од регионот.

Зад него се стотици настапи низ разни клубови и градови каде го презентира неговиот уникатен микс на реге-рага-даб познати свестски траки, а на неговите настапи забавата е загарантиран момент.

Елизабета К. Младеновска ака диџеј Раста гирл е реге-диџејка, која повеќе од дваесетина години се занимава, покрај својата матична професија (актерка), и со микс и пуштање на реге-ска-рокстеди музички сетови.

Зад себе има бројни настапи, а најзабележителен, секако, е оној на фестивалот „Егзит“ во Нови Сад како афтер-парти по настапот на легендарниот Max Romeo (една од најголемите јамајкански легенди од музичкиот свет)

По полноќ настапија и Breakdown Band, кои ја забавуваа присутната публика сѐ до раните утрински часови.

Настанот прераснува во традиционален и ќе се одржи и следната година сѐ со една идеја и мотив – промоција на домашната авторска сцена и диџеј-артисти.