Во просториите на Сојузот на стопански комори ( ССК ) денеска беа потпишани меморандуми за соработка меѓу Здружение за унапредување на правата на музичарите – „Музика сега” и другите музички здруженијата од една страна и ССК од друга. Со него започнува нова фаза во нашето работење, на многу повисоко ниво и со сериозни партнери, секако правно потковани и со добра инфраструктура – изјавија членовите на здружението.

Според нив, овој чекор бил неопходен бидејќи од позиција на здружение едноставно немале моќ ниту ингеренции да направат било каков сериозен чекор во правец на подобрување на состојбите во музичката фела во земјава.

– На најавениот состанокот со Фатмир Битиќи, заменик на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, на кој ќе разговараме за конкретни барања, секако приоритетните – решавањето на статусот на сите невработени музичари, работните дозволи и други теми. Но ќе разговараме и за закон за музичка дејност и сите следствени потреби и обврски. Само за потсетување, во неколку наврати ни беше кажано од неколку различни институции дека се додека не направиме комора и со тоа самите го започнеме регулирањето на нашиот простор, не можеме да сметаме на понатамошна финансиска помош од државата но и дека нема да можеме да продолжиме како до сега. А ако ние самите не го направиме тоа, тогаш тоа ќе го направат други субјекти кои можеби и не ги знаат нашите вистински потреби и состојби. Згора на се, знаете дека има и инспекции кои бараат да сте членови на здружение ако сакате да настапувате од свадби до ноќни клубови – велат од Здружението.

За жал Македонија, веројатно е последна земја во Европа која нема организирана музичка фела. Некои од балканските земји имаат веќе 30 години организирано работење на музичарите, а некои неодамна го направија тоа.

– Ние сепак успеавме два пати да обезбедиме финансиска помош, разговаравме со високи инстанци за моменталните состојби, но и за тоа каде и какво е нашето место во медиумите, во клубовите, во институциите, општеството. Имавме и прес конференции и протест и бесконечно долги комуникации со различни фактори. Денес некој праша како во оваа лоша политичка и економска состојба ние да ги нагласиме и решиме нашиве прашања а сме на маргините. Одговорот е : немаме избор. Треба да го направиме тоа и го правиме : градиме систем со кој ќе ги заштитиме сите наши колеги но и подобриме финансиските и социјалните услови за сите музичари и целосно, за македонската музика и култура – порачуваат членовите на Здружение за унапредување на правата на музичарите – „Музика сега” и другите музички здруженијата.

Тие ги известуваат сите музичари во земјава кои сакаат да станат нивни членови за сите детали да се информираат на сајтот „музикасега.мк“. М.Т.