Европските радиодифузери го осудија учеството на Русија на „Изборот за песна на Евровизија 2022“ и побараа од Европската радиодифузна унија (ЕБУ) да ја исклучи од следното издание во Торино, Италија, што ќе се одржи во мај.

Финската државна телевизија отиде чекор подалеку, велејќи дека ќе се повлече од натпреварот доколку и се дозволи на Русија да учествува. Истата одлука ја донесоа и Шведска и Данска.

Вил Вилен, директорот на Одделението за креативна содржина и медиуми на радиодифузерот, рече дека би било лицемерно да се сподели сцената со „земја која извршила инвазија на друга држава“.

– Нападот на Русија врз Украина е спротивен на сите вредности што ги претставуваат финската национална телевизија и другите европски радиодифузери. Финската телевизија секогаш ја брани западната демократија, владеењето на правото, слободата на изразување и човечкото достоинство. Таа не може да учествува на настан каде Русија, која бесрамно ги нападна овие вредности, може да користи еден од најпознатите европски брендови за да ги унапреди своите интереси. Се надеваме дека ЕБУ ќе дејствува во согласност со своите вредности овде – објави евровизискиот протал „Вивиблогс“.

Финската национална телевизија побара појаснување за позицијата на ЕБУ во четвртокот и го доби истиот конзервиран одговор како и другите радиодифузери – дека Изборот за песна на Евровизија е неполитички културен настан. ЕБУ изјави дека „го следи развојот на настаните“.

Шефот на шведската државна телевизија СВТ, Хана Стјерне, беше првиот што ја повика ЕБУ да ја преиспита својата позиција.

– Ја разбирам идејата за Евровизија како аполитичен настан. Меѓутоа, ситуацијата во Европа е многу сериозна поради руската инвазија. Побаравме ЕБУ да го промени својот став – рече вчера Хана Стјерне.