Буџетот во овој момент е ликвиден и ги спроведуваме сите најавени мерки, а само од јануари до сега 85 милиони евра се дадени во енергетскиот сектор за да се компензира разликата во цената на електричната енергија за домаќинствата и малите претпријатија кои се на регулираниот пазар, оцени денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

-Ние секојдневно ги следиме активностите и имаме проекции во однос на Буџетот. Во планот за Буџетот имаме планирано дополнително зголемување од 50 милиони евра на депозитите на државата во Народна банка – рече Бесими во одговор на новинарско прашање.

Прашан дали има доволно стокови резерви за да издржиме три месеци како земја по ескалацијата на русо-украинската криза, министерот за финансии посочи дека досега сите институции постапуваат согласно законските обврски, а тоа, како што рече, значи и во однос на стоковите резерви и другите државни резерви.

-Ситуацијата е сериозна и затоа денеска со Народна банка имавме заеднички состанок. Тоа постојано го правиме и секојдневно ги следиме сите податоци, реализацијата на секој даночен приход и сите други обврски што се во Буџетот наспроти и новнастанатата ситуација со руско-украинската криза. Ве уверувам дека ликвидноста на Буџетот во моментов е согласно планираното, ситуацијата е тешка, но ние како земја не можеме да влијаеме на она што се случува на светските пазари и во Украина и Русија – рече Бесими.

Нагласи дека земјава ги чувствува ефектите што се случуваат на светските берзи и на европските пазари и во енергетиката и во другите области.

-Всушност ова за што денеска зборуваме за цените на енергенсите се ситуации што се пренесени кај нас од она што се случува на европскиот пазар. Сериозно ја следиме ситуацијата, но досега се справуваме во рамките на планираното. Ве уверувам дека како што направивме во 2020 и 2021 година, така и сега навремено ќе реагираме и за овој најнов предизвик во смисла на изнаоѓање заеднички решенија кои ќе бидат одржливи за нашата економија – потенцира Бесими.

Прецизира дека новонастанатата криза беше за очекување и додаде дека во цените на енергенсите веќе уште во претходните месеци е вградено и се предвидени средства во Буџетот за ова што се случува во Украина и Русија и додаде дека веќе 85 милиони евра од Буџетот се реализирани за намалување на последиците од енергетската криза.

-Овие средства беа планирани за подолг период во годинава, но се случи да има потреба за нивна реализација уште на почетокот на годинава и се реализираа. Така ќе постапуваме и според другите настани што ќе следат, но не треба да даваме погрешни сигнали и да се создаде несигурност во системот и во финансиите. Ве уверувам дека од аспект на финансии и од аспект на буџетската ликвидност ќе има сигурност во земјава – порача Бесими.

На прашањето дали се планира намалување на ставката на ДДВ за храната, Бесими, пренесе МИА, рече дека за такви теми се расправа на Економскиот совет во Владата и додаде дека сите примери што се користат во другите земји се земаат во предвид и се анализираат заедно со нашите карактеристики.

На прашањето дали се размислува за замрзнување на цените на горивата, министерот за финансии посочи дека лани беше донесено законско решение со фиксна и варијабилна компонента на акцизата за горивата.

-Сега во функција е варијабилната компонента, а кога цените се повисоки тој дел на варијабилната компонента станува „0“ и се амортизира ефектот во домашната економија- појасни Бесими.