Фото: Илустрација Фејсбук/Митко Јанчев

Младо непрелетано штркче е вратено во гнездото, откако пред два дена падна во двор во неготинско Пепелиште. Ова денеска го потврди за МИА Аница Јордановска. Таа упати јавна благодарност до сите што помогнале штркчето, живо и здраво да биде вратено кај својата мајка.

– Се случи пред два дена. Во нашиот двор, од гнездото на штрковите падна непрелетано младо штркче. Побаравме помош, дали некој може да помогне да го вратиме. Во меѓувреме, се грижевме  за него најдобро што можевме, хранејќи го со пилешко месо. Она што ни остави најмногу впечаток, беше фактот што додека престојуваше кај нас, штркчето, со, за нас неразбирлив јазик, постојано комуницираше со неговата мајка. На само ним познат начин, емотивно раскажа Јордановска.

Откако штркчето е назад во гнездото, таа се заблагодари до градоначалникот на Неготино, заради преземената организација, до јавното претпријатие ,,Комуналец” и Технички институт, како и на сите други хумани луѓе што дале поддршка во оваа хумана акција.

Таа нагласи дека штрковите во гнездото се дар од природата и вистинска убавина за Пепелиште.