Фото: Министерство за здравство
Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити утрово одржа консултација со членовите на Комисијата за заразни болести, каде се анализираше актуелната состојба со Конго-кримска хеморагична треска (ККХТ) во државата. Состанокот го иницираше министерот Меџити, каде порача дека здравствениот систем навремено и соодветно одговори по детектирањето на првите случаи на ККХТ.

Министерот истакна дека брзата реакција на здравствените власти, спречија нови сценарија во форма на експоненцијален раст на број на нови случаи со ККХТ. Министерството за здравство и сите здравствени иституции навремено и професионално одговорија и со набавка на соодветна терапија, која и покрај реткоста, за 24 часа стигна во нашата земја. Меџити посочи дека останува во редовна комуникација и консултација со Комисијата за заразни болести, ИЈЗ, Инфективната клиника и доколку е потребно ќе бидат предложени соодветни мерки за подигнување на степенот на превенција на уште повисоко ниво. Министерот д-р Меџити на состанокот упати благодарност до сите здравствени работници кои го даваат максимумот да одговорат на потребите на пациентите.