Миленикот како огледало на сопственикот

Серијал за бездомните кучиња, милениците и за сите љубители на животните (27)

  • Серијал текстови за кучињата скитници, милениците и за сите љубители на животните, подготвени од Илија Петковски, кој магистрира екологија и животна средина на „Сорбона“ во Париз, излегуваат на викенд-страниците на рубриката Магазин во „Нова Македонија“. Низ текстовите авторот ќе понуди современи хумани решенија за решавање на проблемот со бездомните кучиња и за состојбата во државата во врска со овој проблем. Целта е издигнување на јавната свест за благосостојбата на животните на научна основа и отворање дебата за оваа тема, со цел да се создаде похуман свет за сите. Текстовите провоцираат научна дебата за бездомните кучиња во Македонија, фокусирана на еколошката нерамнотежа и хиперпопулацијата наместо на емоции и холивудски стереотипи. Фокусот на текстовите понатаму ќе се сведе и на одговорното сопствеништво на милениците

Човекот отсекогаш се обидувал да го разбере животното. Но можеби вистинското прашање не е само што гледаме ние во нашите миленици туку и што тие откриваат за нас. Кучето не е само домашен придружник туку нем сведок на нашиот карактер, нашите навики и нашиот однос кон одговорноста. Пред да научи да седи, да легне или да оди мирно на поводник, кучето прво учи да го чита човекот.
Миленикот не го слуша само нашиот глас. Тој ги чита нашата нервоза, нашите хормони, нашата внатрешна несигурност, нашата доследност или недоследност. Не ги разбира нашите зборови, кои му се сосема неважни, но совршено добро ги разбира нашите гестикулации, мимики, несвесни изрази на лицето и треперења на гласот. Затоа кучето често е огледало на својот сопственик – не затоа што личи на него, туку затоа што живее во светот што сопственикот свесно и несвесно му го создава.
Современата психологија и науката за однесувањето на животните сè повеќе ја истражуваат сложената врска меѓу човекот и миленикот. Истражувањата покажуваат дека квалитетот на односот не зависи само од расата, генетиката или темпераментот на кучето туку значително и од однесувањето на човекот што се грижи за него. Во 2019 година, истражување на Универзитетот Линшепинг во Шведска, објавено во списанието „Сајентифик репортс“, покажа дека долгорочниот стрес кај луѓето и нивните кучиња е синхронизиран. Анализата на нивото на кортизол кај 58 пара сопственик–куче покажа дека животните не се изолирани од емоционалната средина што ја создава човекот со кој живеат.

Кучето го презема нашиот стрес зашто ги споделува нашиот животен простор, нашата рутина и нашата секојдневна атмосфера. Тоа не живее само во нашиот дом туку во нашиот начин на живот. Токму затоа психологијата на приврзаноста, концепт развиен првично за разбирање на односите меѓу луѓето, денес се користи и за проучување на врската човек–куче. Сигурниот и предвидлив однос создава животно со поголема доверба, додека хаотичната и недоследна комуникација може да доведе до несигурност и проблеми во однесувањето.
Во работата на „Туту“ – центарот за благосостојба на миленици, каде што покрај професионалната нега голем акцент се става и на едукацијата на сопствениците, ова не е само научна теорија туку секојдневна практика. Многу сопственици доаѓаат со убедување дека имаат „непослушно“, „агресивно“ или „тврдоглаво“ куче. Но по разговорот најчесто се покажува дека проблемот не е во карактерот на животното, туку во недостигот од јасни правила и комуникација во домот.
Еден член од семејството дозволува одредено однесување како качување на троседот или хранење под масата, додека друг строго го забранува тоа. Еден ден има долги прошетки и активности во одреден час, додека следниот ден се нема време ниту за основниот двочасовен дневен минимум. Еднаш одредено однесување се наградува и стимулира, другпат истото однесување се казнува. За човекот тоа се мали разлики, но за кучето тие претставуваат спротивставени пораки. Кучето не е збунето затоа што не сака да слуша, туку затоа што не знае што точно се очекува од него.

Фото: Пиксабеј

Се вели дека кучето е роб на своите навики. Но вистината е посложена: кучето не е роб на навиките, туку нивен верен следбеник. Тоа го повторува она што човекот свесно или несвесно го научил во еден ограничен периметар на слободно инстинктивно однесување. Кучето не знае што е добро или лошо според човечките критериуми. Тоа знае само што функционира и гарантира стабилност, безбедност и хармонија. Животна рамнотежа по која и човекот и кучето тежнеат. Во работата со сопствениците често гледаме дека луѓето сакаат да го сменат однесувањето на кучето, но не сакаат да ги сменат сопствените навики. А кучето не живее во нашите желби, туку во нашите секојдневни постапки.
Во моето долгогодишно искуство со миленици сум видел многу случаи каде што вистинската промена не започнала кај кучето, туку кај сопственикот. Кога човекот научил подобро да комуницира, кога воспоставил рутина, кога разбрал дека кучето не размислува како човек и почнал да го гледа светот од перспектива на животното, резултатите биле очигледни. Не станувало збор за „поправање“ на кучето, туку за создавање подобар однос меѓу две суштества.
Една од најголемите заблуди на современото сопствеништво е дека љубовта сама по себе е доволна. Секако дека љубовта е основа, но таа мора да биде придружена со знаење и одговорност. Миленикот не е само фотографија за социјалните мрежи, моден додаток или симбол на статус. Вистинската грижа се гледа во секојдневните работи што никој не ги гледа – во правилната исхрана, превентивната здравствена грижа, редовната прошетка, социјализацијата и подготвеноста сопственикот постојано да учи.
Кучето не бара совршен човек. Бара човек што е подготвен да се развива заедно со него. Додека ние мислиме дека ги воспитуваме нашите миленици, тие истовремено нè учат на трпение, емпатија и одговорност. Односот кон животното не е само приватна работа меѓу човек и неговиот миленик туку и показател за културата на едно општество.
Општеството што знае да се грижи за најзависните суштества покажува зрелост и одговорност. Она што само бара љубов од животните, но не е подготвено да преземе обврски кон нив, сè уште не ја разбира суштината на сопствеништвото.
На крајот, секое куче миленик е приказна, но зад секоја приказна стои човек. Можеби најискрениот портрет на еден човек не се неговиот статус, имотот или јавниот настап, туку начинот на кој се однесува кон суштеството што целосно му верува и зависи од него. Затоа миленикот е огледало на сопственикот, кое за разлика од сите други огледала, нема вештачки филтри и никогаш не лаже.

Илија Петковски